МСУ и Европските програми

Стратегијата на Меѓународен Славјански Универзитет „Г.Р.Державин”, во врска со целите и приоритетите за активностите на Еразмус+ во контекст на Програмата за доживотно учење се содржани во неговата мисија. Имено, Универзитетот е посветен на создавање знаење и наука, како и создавање и негување на културните општествени вредности. Универзитетот, во својата посветеност да обезбеди квалитетно образование на млади професионалци, квалификувани и силно обучени, ги подготвува да бидат целосно конкурентни на националните и меѓународните пазари на трудот. Во оваа област, целите се однесуваат на активности во рамките на додипломски и постдипломски студии (прв и втор циклус), истражување и обука, развој на компетентност, во обезбедување квалитет и соработка со надворешните партнери на Универзитетот.

Во рамките на активностите за приближување кон Европската високообразовна област, Универзитетот ја спроведува својата специфична политика за отвореност за нови партнерства, особено со универзитетите од ЕУ, со цел побрзо спроведување на приоритетите на Акциониот план на Стратегијата за меѓународна соработка.

На 30 април 2018, во просториите на Меѓународниот Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ во Свети Николе беше потпишан договор за соработка со Eкономскиот факултет од Универзитетот во Љубљана  (Словенија) за заедничко спроведување на програмата за последипломски студии Бизнис и организација во Република Северна Македонија, која беше прогласена помеѓу најдобрите 100 во светот од Financial Times.

Исто така, со Великотрновскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ од Бугарија беше потпишан билатерален договор за отпочнување на докторските студии во Република Северна Македонија. Со тоа, почнувајќи од 2018 година, 57 програми за докторски студии од различни области станаа достапни за студентите од Република Северна Македонија, токму на МСУ во Свети Николе.

Меѓународниот Славјански Универзитет има цврста административна структура составена од официјално одговорни луѓе меѓу професорите со помош на волонтери од редот на студентите. На врвот на организационата структура е Ректорот на Универзитетот, кој е задолжен за потпишување на билатералните договори. Раководителот на Канцеларијата за меѓународни односи е главниот координатор на Еразмус+ програмата, кој со помош на волонтери работи во Канцеларијата за меѓународни односи. Раководителот на канцеларијата за меѓународни односи има одговорност да ги координира Еразмус координаторите на секој факултет поединечно избрани од редот на професорите. Овие професори, заедно со координаторот на ЕКТС, се одговорни за примарна селекција на кандидати.

Во контекст на ова, следствено е дека нашата најважна цел се студентите, бидејќи инвестираме во нивната иднина, со цел да создадеме интелектуалци опремени со теоретски, но и практични вештини кои ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот во Европа. Нашите студенти, заедно со студентите од нашите партнерски универзитети, работат на заеднички проекти кои ги завршуваат во текот на академската година. Голем број активности на студентите секоја година се зголемуваат и тоа во квантитет и квалитет. Исклучително важно е да се спомене дека Меѓународен Славјански Унвиерзитет е институција која иницијативите на студентите лесно ги прифаќа и реализира, а тоа е со цел подобрување на квалитетот на нивната теоретска но и практична настава. Студентите се многу важни, но не помалку важен е наставниот кадар и тие претставуваат најголеми мотиватори и поддржувачи на активностите на студентите.

Меѓународниот Славјански Универзитет е дел од зголемената мрежа на меѓународните академски заедници во градењето на нови форми на креативна соработка во согласност со глобалните научни, технолошки и образовни иновации.

Со учеството во програмата Еразмус, Универзитетот ќе придонесе за реализација на целите на програмата: да се создаде европска област на високото образование и да се поттикне иновацијата низ цела Европа, како и да се придонесе кон целта на неколку милиони индивидуални Еразмус учесници во студентската мобилност.

Исто така, учеството во програмата Еразмус му овозможува на Меѓународниот Славјански Универзитет да го подобри квалитетот и да го зголеми обемот на соработка со многу други европски високообразовни институции. Бидејќи универзитетот го воспостави и имплементира Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС), учеството во Еразмус програмата за мобилност придонесува за зголемување на квалитетот и компатибилноста на студиските програми, како и зголемување на степенот на транспарентност помеѓу квалификации стекнати во Европа. Исто така, учеството во програмата Еразмус придонесува за развој на методи кои се засноваат на најдобрите практики и трансфер на иновативни решенија во областа на образованието, кои, од друга страна, ќе имаат директно влијание врз идната вработливост на дипломираните студенти.

Универзитетот веќе има склучено голем број на меѓууниверзитетски Еразмус договори меѓу кои се голем број на универзитети од Бугарија, Полска, Романија, Турција, Италија, Босна и Херцеговина, Чешка, Србија, Португалија, Шпанија, Украина, Хрватска, Малта, Франција па дури и Алжир. Од оние партнери со кои веќе ја продлабочуваме соработката се Универзитетот од Малта, Универзитетот од Лорен – Франција, Универзитетите од Оломоук, Масарик универзитетот и Палачки универзитет – Чешка, Универзитетот од Евора – Португалија, Политехнички универзитет од Браганца – Португалија, Универзитетот од Мадрид –  Шпанија, Универзитетот од Фоџа – Италија.