Формирање на оцени

Сите облици на проверка на знаењето се јавни. Облиците на проверка на знаењето можат да бидат во писмена и усмена форма. Доколку испитот се полага писмено, наставникот е должен пред полагањето на испитот да ги извести студентите какви помагала можат да користат за време на полагањето. Студентот во еден ден може да полага најмногу два испита од истата студиската програма односно најмногу 5 испити во една испитна сесија.

Формите на проверка на знаењето можат да бидат писмени, усмени, практични и комбинирани. Писмената проверка на знаењето треба да трае во време од 40 до 60 минути, усмената од 20 до 40 минути по кандидат, а комбинираната проверка на знаењето може да трае максимум на еднаквиот збир од писмената и усмена проверка на знаењето. Начинот на формата на проверка на знаењето го одредува предметниот наставник.

Трудот и работата на студентот се оценуваат континуирано во текот на семестарот односно студиската година. Знаењето и трудот (работата) на студентот се оценуваат во текот на наставата за кои се води евиденција на начинот и во обрасците кои се утврдени со одлука на Наставно-научниот совет на единиците на МСУ.

Предметниот наставник е должен по барање на студентот да му достави увид во постигнатите активности (колоквиуми, семинарски работи, проектни задачи, самостојни задачи, презентација) изразени во поени за секој сегмент од оценувањето.

Формирањето конечна оценка од континуираната проверка на знаењата, завршното оценување и останатите активности во рамките на предметната програма, се врши врз основа на вкупниот број освоени поени по сите основи, и тоа:

  • од 0 до 50 поени: оценка 5 (пет)
  • од 51 до 60 поени: оценка 6 (шест)
  • од 61 до 70 поени: оценка 7 (седум)
  • од 71 до 80 поени: оценка 8 (осум)
  • од 81 до 90 поени: оценка 9 (девет)
  • од 91 до 100 поени: оценка 10 (десет).

Студентите на факултетот можат да се запишуваат како редовни или вонредни, и овој статус на студентот има различно значење од повеќе аспекти. Формирањето на оцената се разликува кај редовните и вонредните студенти во бројот на освоени поени и активности кои се земаат во предвид.

Конечната оценка се евидентира во пријавата за испит што ја пополнува и потпишува предметниот наставник во индексот, пријавата за испит и во електронскиот систем за евиденција.


Формирање оцена кај редовни студенти*


Редовните студенти имаат обврска да посетуваат редовна настава по сите предмети и имаат можност да го полагаат секој предмет преку 2 колоквиуми во текот на семестарот.

Формирањето на завршна оцена по секој предмет, се добива преку збир на освоени поени од колоквиуми, поени за редовност и активност на предавања и поени од семинарска работа или дополнителна задача/проект и слично. Формирањето на оцена по предметите за редовните студенти се одредува по следниот принцип:

Оцената се формира врз основа на освоените поени во текот на семестарот.

   прв колоквиум (до 35 поени)
+ втор колоквиум (до 35 поени)
+ семинарска работа (до 10 поени)
+ редовност на настава (до 10 поени)
+ активности (до 10 поени)
__________________________________
Максимум поени = 100


Формирање оцена кај вонредни студенти*


Доколку студентите се во работен однос или од друга причина се спречени да присуствуваат на настава, се запишуваат како вонредни студенти и имаат обврска да ги полагаат испитите во редовните или вонредните сесии во семестарот. Формирањето на завршна оцена за вонредните студенти се одредува по следниот принцип:

   испит (до 70 поени)
+ самостојна проектна активност/семинарска/друго (до 30 поени)
__________________________________
Максимум поени = 100


*Зависно од студиската програма, распределбата на поени по активности може да се разликува. За точните поени, Ве молиме консултирајте се со предметниот професор или разгледајте ги деталите за предметот на Е-учење.