Генерална организација
на активностите

Семестарот е дел од академската година кога се одржува наставата. Студиската година започнува на 1 октомври, а завршува на 30 септември следната година и се дели на два семестри, зимски и летен.

  • зимскиот семестар започнува на 1 октомври и трае до 14 февруари наредната година, а
  • летниот започнува на 15 февруари и завршува на 30 јуни.

Зимскиот семестар започнува на 1 октомври, а завршува на 14 февруари наредната година, а наставата трае од 1 октомври до 15 јануари наредната година. Тој трае 18 седмици (12 седмици настава + 2 колоквиумски седмици + 4 седмици (подготвителни и испитни).

Летниот семестар започнува на 15 февруари и завршува на 30 септември, а наставата трае од 15 февруари до 31 мај. Тој трае 21 седмица (12 седмици настава + 2 колоквиумски седмици + 2 х 3 седмици испитни рокови во јуни и септември).

Распоред
на активностите

Студентите од секоја студиска програма вообичаено имаат предавања 2 до 3 дена во текот на една седмица, што е практично и за оние студенти кои патуваат. Предавањата се одржуваат по следниот генерален распоред:

Прв семестар

  • шест седмици предавања (почеток на октомври до средина на ноември)
  • една подготвителна седмица за колоквиум
  • една колоквиумска седмица (средина до крај на ноември)
  • шест седмици предавања (средина на ноември до крај на декември)
  • една подготвителна седмица за колоквиум
  • една колоквиумска недела (крај на декември/почеток на јануари)

Втор семестар

  • шест седмици предавања (средина на февруари до средина на март)
  • една подготвителна седмица за колоквиум
  • една колоквиумска седмица (крај на март)
  • шест седмици предавања (почеток на април до средина на мај)
  • една подготвителна седмица за колоквиум
  • една колоквиумска седмица (крај на мај)

Предавања
во Св. Николе и Битола

Наставата се изведува во Битола и Свети Николе, односно секој студент ја следи онаму каде се има запишано. Распоредот на предавањата е прилагоден и за студентите кои патуваат, па така нашите студенти имаат предавања 2 до 3 дена во една седмица.

Точниот распоред на предавањата се објавува една седмица пред почетокот на предавањата и е достапен за сите студенти на Е-учење и Е-индекс. Во меѓувреме можете да го разгледате Академскиот календар, каде се дадени општите термини за одржување предавања и испитни сесии.

Важно е на почетокот на годината да го проверите распоредот на предавањата на Е-индекс и на Е-учење. Проверете во кои денови имате предавања и посетувајте ги редовно. Следете ги инструкциите на Вашиот предметен професор, работете на проектни активности, подгответе ја Вашата семинарска работа.

Материјалите за предметите можете да ги најдете во книжарницата, да ги преземете бесплатно од Е-учење или да ги позајмите од библиотеката на МСУ.

Полагање
колоквиуми

Колоквиумите се тестови на знаење кои се спроведуваат два пати во текот на еден семестар:

  • прв колоквиум – на средината од семестарот, односно после изминати 6 седмици предавања
  • втор колоквиум – на крајот од семестарот, односно после изминати 6 нови седмици предавања

За да се полага вториот колоквиум задолжително е да биде положен првиот. Студентите кои не положиле еден, односно два од колоквиумите полагаат испит во испитните сесии.

Со полагање на двата колоквиуми студентите вообичаено не се обврзани да полагаат писмен испит, но ова зависи од предметот.

Термините за колоквиумите се објавуваат во Е-индекс. Следете ги термините за колоквиум и подгответе се добро. Доколку Ви требаат повеќе информации можете да ги побарате од предметниот професор или асистент.

Полагање
испити

Во текот на една академска година има 6 испитни рокови (сесии) од кои три се редовни, а три вонредни.

Редовни:

  • јануарски;
  • јунски и
  • септемвриски,

Вонредни испитни рокови:

  • априлски;
  • октомвриски и
  • ноемвриски.

Првата редовна испитна сесија е во јануари и се полагаат испитите по предметите слушани во првиот семестар. Доколку студентот не ги положи сите испити во јануари, истите може да се полагаат во Априлската (вонредна) сесија. За полагање во вонредна сесија не се плаќаат казни.

Втората редовна испитна сесија се одржува во јуни и се полагаат испитите од вториот семестар. Доколку студентот не ги положи испитите во јуни, може да ги полага во Септемвриската сесија – исто така без плаќање на казни, освен ако студентот нема исполнето услов за упис во наредна година. Дополнителни вонредни сесии се октомвриската и ноемвриската.

Најчесто во сите сесии можат да се полагаат испити од парните и непарните семестри.

Пред сесијата, без разлика дали студентот претходно ги има положено двата колоквиуми, испитите треба да се пријават електронски (преку Е-индекс). Резултатите од испитите ќе пристигнат на корисничката сметка на студентот веднаш штом професорот ги објави.

Практична
настава

Сите редовни студенти на МСУ имаат практична настава во текот на студирањето, која е организирана во соработка со многу институции и компании во Македонија.

Во текот на летото студентите имаат самостојна практична работа и избираат фирма, односно институција каде ќе ја вршат истата. Можат да изберат некоја од институциите со кои универзитетот има договор или пак институција по нивни избор.

Самата практична настава е бесплатна, а како единствен трошок се јавува купувањето на Дневник за пракса (еднаш годишно) кој чини 100 денари.

Формирање
оцени

Студентите на факултетот можат да се запишуваат како редовни или вонредни, и овој статус на студентот има различно значење од повеќе аспекти.

Редовните студенти имаат обврска да посетуваат редовна настава по сите предмети и имаат можност да го полагаат секој предмет преку 2 колоквиуми во текот на семестарот.

Вонредните студенти доколку присуствуваат најмалку осум недели на предавање (четири недели пред првиот колоквиум и четири недели пред вториот колоквиум) им се дозволува право да го полагаат предметот преку колоквиуми.

Формирањето на завршна оцена по секој предмет, се добива преку збир на освоени поени од колоквиуми, поени за редовност и активност на предавања и поени од проектна задача. Оцената се формира врз основа на освоените поени во текот на семестарот. На пример:

  • прв колоквиум (до 35 поени)
  • втор колоквиум (до 35 поени)
  • проектна задача (до 10 поени)
  • редовност и активност на предавања (до 20 поени)

Кај вонредните студенти кои не полагаат прв и втор колоквиум, максималниот број на поени кои можат да го добијат на завршниот испит е 70 поени.

Бројот на максимални поени е 100. Зависно од студиската програма и предметот, распределбата на поени по активности може да се разликува. За точните поени за секој предмет, Ве молиме консултирајте се со предметниот професор или разгледајте ги деталите за предметот на Е-учење или Е-индекс.

Подолу се дадени оценките кои се добиваат врз основа на бројот на поени:

  • оцена 6: 51-60 поени
  • оцена 7: 61-70 поени
  • оцена 8: 71-80 поени
  • оцена 9: 81-90 поени
  • оцена 10: 91-100 поени

Постави
прашање

CAPTCHA image