За факултетот

Како еден од помладите факултети на МСУ, Факултет за безбедносно инженерство годинава ја има својата втора генерација дипломирани студенти на две насоки

  • Безбедност при работа
  • Безбедност од пожар

Факултетот како прв и единствен од ваков вид во Република Македонија овозможува едукација на стручни лица за безбедност и здравје при работа како и безбедност од пожари, со цел поефикасно и поуспешно имплементирање на европското законодавство, во областа на безбедноста и здравјето на работниците при работа.

Што е безбедност при работа?

Под безбедност при работа се подразбира превентивно применување на одредени мерки и прописи што се однесуваат на безбедноста на човековото здравје во работната средина. На овој факултет ќе научите кои се можните опасности по човековото здравје во одредени средини, како се препознаваат и како се елиминираат.

Безбедноста од пожар се однесува на заштитата во случај на пожар, инструментите и апаратите за безбедно гаснење, тактиката за интервенции и спасување, а пред се спречување на негово настанување.

Шанса да го промените светот

Во свет кој со секој поминат ден станува се покомплициран и поранлив, луѓето сакаат да се чувствуваат безбедно насекаде, па ниту работното место не е исклучок.

Како дел од студиите, нашите студенти ќе научат како да собираат информации за можните ризици кои произлегуваат од неправилно користење на апаратите и алатите за работа, да ги анализираат и да спречуваат истите да се случат.

Опремени со широко познавање на технологијата и психологијата на работното место, студентите ќе може да донесуваат одлуки поврзани со безбедноста и со тоа да ја заштитат околината, како и луѓето кои живеат во неа.

Стручни лица се нашата цел

Основна цел на програмите е оспособување на студентите за примена на научни и стручни достигнувања во областа на инженерството и менаџментот во управување со безбедност при работа и пожари во организациите.

Академска титула на додипломските студии е Дипломиран инженер за безбедност при работа, како и дипломиран инженер за безбедност од пожари, додека академска титула на последипломските студии е Магистер за безбедност при работа, како и магистер за безбедност од пожари.

Современи програми за квалитетни инженери

Факултетот за безбедносно инженерство има акредитација согласно Законот за високо образование. Наставниот процес на Факултетот за безбедносно инженерство е усогласен со Болоњската декларација и на истиот е воведен Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС).