ЕКТС


Што е Европски кредит трансфер систем – ЕКТС?


Наставата на факултетите при Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“ е организирана според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС).

Кредит трансфер систем е заедничка процедура што се воспоставува според Европскиот кредит трансфер систем – ЕКТС или Европски систем на пренос и акумулација на поени (англиски: European Credit Transfer and Accumulation System) и претставува нумерички систем за квалитативно вреднување на работата на студентите што била вложена за стекнување знаења, вештини и компетенции што се предвидени со програмата за студирање, односно со конкретниот предмет во рамките на таа програма, ги опфаќа поените за совладување на предметот во целина, сите предмети во еден семестар, академската година и целокупното студирање и нивен пренос од една на друга високообразовна установа.

Со овој систем се овозможува правилно изведување на крајната оценка по определен предмет бидејќи во овој систем се опфатени поените од целокупните активности на студентот и неговата ангажираност на предавањата, вежбите, колоквиумите и испитите, како и дополнителните активности како семинари и самостојна работа (истражувања, изработка и реализација на проекти и сл.).


Што е кредит?


Кредит е квантитативна мерка за изразување на обемот на учењето врз основа на обемот на работата која студентот во просек ја врши, односно оптоварувањето на студентот во кое се сметаат предавањата, семинарите, вежбите, другите облици на организирана студиска работа и самостојно учење со цел да ги постигне очекуваните резултати од процесот на учење. Кредитот му се доделува на студентот и се регистрира во неговото досие кога ќе ја исполни студиската обврска.


Доделување кредити


Секој предмет има различен број на (ЕКТС) кредити. На повеќето факултети Славјански задолжителните предмети се вреднуваат со по 8 кредити, а изборните со по 7. Но, бројот на кредити по предмет може да варира.

Секој семестар при студирањето се вреднува по 30 кредити, што значи дека една академска година се вреднува со 60 кредити. Овој број претставува збир на кредитите од предметите што студентот ги слушал (и  положил) во текот на годината.

Според тоа, тригодишните студии носат 180 кредити, а четиригодишните 240 кредити.