Сенатот на МСУ е орган на управување и стручен орган кој го сочинуваат претставници од единиците на универзитетот, придружните членки и од универзитетското студентско собрание. Член на Сенатот може да биде лице избрано во наставно-научно, наставно-стручно, научно или наставно звање и редовен студент на МСУ во моментот на изборот.
Членство
За член на Сенатот не може да биде избрано лице кое е избрано за декан или продекан. Членовите на Сенатот од единиците на МСУ и од придружните членки се избираат со тајно гласање од страна на членовите на наставно-научниот, односно наставничкиот или научниот совет за време од три години, со право на уште еден избор. По исклучок универзитетското студентско собрание ги избира претставниците на студентите во Сенатот со тајно гласање, за време од една година без право на реизбор.
Во Сенатот секоја единица на МСУ има по два претставници. Ректорот, и проректорите се членови на Сенатот по положба, без право да учествуваат во одлучувањето и без право да бидат избрани за претседатели на Сенатот.
Студентите имаат двајца претставници во Сенатот на МСУ. Свикувањето и работата на Сенатот поблиску се уредува со Деловник на Сенатот во согласност со Статутот на МСУ и Законот за високото образование.
Членовите на Сенатот на МСУ, со непосредно и тајно гласање, ги избираат Наставно-научните совети на факултетите, а студентите – Студентскиот Парламент со мандат од три години со право на уште еден избор. Членовите на Сенатот на МСУ, претставници од единиците на универзитетот, можат да бидат предложени од страна на членовите на наставно – научните совети на единиците на МСУ, истите се бираат со присуство на повеќе од половина на членовите на наставно – научниите совети, со освојување на најмногу гласови од присутните.
Членовите на Сенатот на МСУ претставници од студентите можат да бидат предложени од страна на членовите на Студентскиот парламент на МСУ, истите се бираат со присуство на повеќе од половина на членовите на Студентскиот парламент на МСУ, со освојување на најмногу гласови од присутните.
Член на Сенатот на МСУ претставник од единицата на МСУ може да биде разрешен по негово барање, поради спреченост за извршување на високообразовна дејност, поради пензионирање или престанок на работниот однос. За престанок на мандатот по негово барање одлучува Сенатот на МСУ со тајно гласање, со присуство на 2/3 од членовите на Сенатот на МСУ, со мнозинство гласови од присутните.
Член на Сенатот претставник од студентите може да биде разрешен по негово барање, поради изрекување на дисциплинска мерка отстранување и престанок на статусот на студент. За престанок на мандатот по негово барање одлучува Сенатот на МСУ со тајно гласање, со присуство на 2/3 од членовите на Сенатот на МСУ, со мнозинство гласови од присутните.
Постапка за избор на членови на Сенатот на МСУ започнува најмалку 60 дена пред истекот на мандатот на постојниот Сенат. Постапката ја покренува Ректорот кој ја свикува и претседава со конститутивната седница на новиот Сенат.
Членови на Сенатот при МСУ:
- проф. д-р Павлина Стојанова – Факултет за економија и организација на претприемништво
- проф. д-р Самоил Малчески – Факултет за економија и организација на претприемништво
- доц. д-р Слагана Анѓелковска – Факултет за психологија
- проф. д-р Ѓорѓина Кимова – Факултет за психологија
- проф. д-р Слободан Бундалевски – Факултет за безбедносно инженерство
- проф. д-р Горан Биџовски- Факултет за информатика
- проф. д-р Маријан Стевановски – Факултет за информатика
- доц. д-р. Емилија Ицоска – Факултет за правни науки
Надлежности на Сенатот
- донесува Статут на универзитетот и дава согласност на Статутите на единиците во неговиот состав;
- одлучува за наставната, научната, уметничката и високостручната (применувачка) дејност;
- ги усвојува студиските програми на факултетите, односно на високите стручни школи и на научните институти во негов состав кои вршат високообразовна дејност согласно со Законот за високо образование;
- ги предлага до Националниот совет за високо образование основите врз кои се определува школарината за студирање;
- одлучува за основање и престанок на внатрешни организациони единици, организации и трговски друштва;
- одлучува за статусни промени во согласност со Закон за високо образование;
- утврдува мислење за престанокот на потребата од постоење на 37 определени единици на МСУ и за нивното трансформирање,
- донесува годишна и тригодишна програма за развој и работа на МСУ;
- дава мислење и поднесува предлози на Програмата за високообразовна дејност и дава мислење по годишната програма за развој на единиците во неговиот состав;
- дава мислење и поднесува предлози на националната програма за научно-истражувачката дејност на Република Македонија;
- го усвојува годишниот извештај за работа на МСУ, поднесен од Ректорот;
- усвојува годишен финансиски план на МСУ;
- донесува годишна финансиска пресметка и годишен завршен финансиски извештај на МСУ;
- донесува програма за инвестиции на МСУ;
- одлучува по жалба против одлуката по приговор од лицето кое не e избрано ниту во постојното во звање, согласно член 165 од Закон за високо образование;
- одлучува за доделувањето на титула почесен доктор на науки (doctor honoris causa), звањето почесен професор на МСУ (profesor honoris causa) и звањето професор емеритус;
- избира универзитетска изборна комисија;
- решава за потврдување на суспензијата на декан, односно директор на единицата на МСУ;
- го потврдува изборот на декан, односно директор на единиците на МСУ;
- дава мислење на националниот совет за високо образование по нормативите и стандардите за основање на високообразовни установи и за вршење на високообразовната дејност;
- донесува правилник за посебните услови и постапката за избор во наставно-научни, наставно-стручни, научни, наставни и соработнички звања;
- донесува правилници за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на трите циклуси на студии;
- донесува правилник за единствениот кредит трансфер систем и преминот од една на друга студиска програма, односно од една на друга единица на МСУ;
- донесува правилник за издавањето на дипломи, додаток на дипломи, стручниот, односно научниот назив и други документи за завршени студии на високо образование и за условите и постапката за одземање на издадената диплома;
- донесува правилник за начинот на кој се вршат стручноадминистративните работи од заеднички интерес на единиците на МСУ;
- донесува правилник за организирање на издавачката дејност и одлучува за издавачката дејност;
- донесува програма за меѓународна соработка;
- ги утврдува работните обврски на вработените и утврдува принципи за уредување на работните односи на вработените што изведуваат високообразовна, научна и уметничка дејност;
- на предлог на ректорот избира и разрешува генерален секретар на МСУ;
- формира комисија за самоевалуација на МСУ и ги избира нејзините членови;
- донесува Упатство за самоевалуација и обезбедување и оценување на квалитетот на МСУ и неговите единици во согласност со Правилникот за стандардите и постапката за самоевалуација и надворешна евалуација кој го донесува Националниот совет за високо образование;
- донесува деловник за работа на Сенатот;
- презема мерки за унапредување и заштита на стандардот на студентите и вработените;
- избира претседател на Сенатот;
- донесува општ акт за уредување на работата на центарот за кариера на МСУ;
- го донесува општиот акт со кој се утврдуваат условите за упис на студиски програми за лицата кои не завршиле еднакво образование во странство;
- го донесува општиот акт со кој се пропишуваат можните начини на проверка на знаењето на студентите;
- избира вршител на должноста ректор согласно со Закон за високо образование;
- од редот на редовните професори на МСУ избира овластено лице за прием на пријави на корупција;
- донесува општ акт со кој ја уредува работата и месечниот надомест на овластеното лице за прием на пријави на корупција;
- на предлог на универзитетското студентско собрание, избира студентски правобранител;
- донесува програма за обезбедување на технологија и/или адаптација на просторот во кој се одвива наставата заради овозможување пристап до високото образование на лицата со попреченост и
- врши други работи утврдени со Закон за високо образование и со Статутот на МСУ.
Начин на одлучување на Сенатот
Сенатот може да одлучува доколку на седницата присуствуваат повеќе од половината од вкупниот број членови на Сенатот, а одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, освен ако со Закон за високо образование не е поинаку предвидено.
За изборот на органите на универзитетот и избор на претседател на Сенатот, Сенатот може да одлучува доколку на седниците присуствуваат најмалку 2/3 од вкупниот број членови на Сенатот, а одлучува со мнозинство од присутните членови.
Претседател на Сенатот
Претседател на Сенатот на МСУ е д-р Павлина Стојанова.
Претседателот на Сенатот се избира од редот на Сенаторите со тајно гласање за период од една година, со право на уште еден избор.
Претседателот на Сенатот ги свикува седниците на Сенатот, го предлага дневниот ред и претседава со седниците на Сенатот. Претседателот на Сенатот свикува седница на Сенатот најмалку еднаш месечно.
Претседателот на Сенатот е должен на барање на најмалку една петтина од членовите на Сенатот, или на барање на ректорот да свика седница на Сенатот.
Претседателот на Сенатот е одговорен за законитоста и Статутарноста на работењето на Сенатот. Вршењето на должноста претседател на Сенат е неспојливо со вршењето на друга државна функција или функција во политичка партија.
Предлог за претседател на Сенатот на МСУ може да даде секој член на сенатот. За избор на претседател на сенатот потребно е присуство на 2/3 од вкупниот број на членови на сенатот на МСУ. За претседател се избира оној кандидат кој освоил најмногу гласови од присутните членови на Сенатот на МСУ.