Извор: Исток Прес
Светот е во страв од недостаток на електрична енергија. Веќе се напишани мал милион текстови за големиот проблем пред кој е исправено човештвото. На оваа тема јавно дебатираат и апсолутни анафалбети, но и врвни познавачи на чувствителната област.
Утрински весник во бројот од 7 октомври 2012 година објави пошироко интервју со ЈУРИЈ САРАЕВ, доктор по атомска енергија од Москва, потпретседател на Руската организација за атомска енергија. Големиот научник кој ја имаше почитта на светската научна јавност почина летово, на 86-годишна возраст. Сараев, во 2012 година беше гостин на Меѓународен Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“. Со оглед на актуелноста на темата го донесуваме оригиналното интервју со светскиот експерт кое го правевме на Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ во Свети Николе.
Иднината е во атомската енергија
(Утрински весник, 07.10.2012 година)
Иван Бојаџиски
Деновиве во нашата држава боравеше Јуриј Сараев, член на Руската академија на природни науки, доктор по атомска енергија, човек кој беше на чело на експертската екипа која го спасуваше Чернобил по нуклеарната катастрофа во 1986 година. Сараев е и потпретседател Руската организација за атомска енергија која обединува 15.000 членови. Тој во Македонија ќе работи како почесен професор на Меѓународниот славјански институт „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе и Битола каде ќе предава безбедносно инженерство. Престојот на светски познатиот научник во сферата на атомската енергија го искористивме за интервју на оваа исклучително значајна тема за човештвото.
Г-дин Сараев, кој е Вашиот професионален пат во светот на атомската енергија?
- Во Томск во Сибир, во 1964 година, дипломирав на институтот за атомска физика. Во мојот професионален век сум работел на многу атомски централи во Русија но и надвор од неа. Почнав во првата руска атомска централа „Белојарска“ лоцирана 60 километри од Свердловск. Таму останав десет години, прво како млад специјалист а потоа и како инженер на управување со реакторите за да завршам како началник на централата. Потоа патот ме одведе во Смоленск, каде бев именуван за главен инженер на централата во изградба. Откако проектот успешно го завршивме бев назначен за директор на истата. По налог на власта, во 1988 година, заминав за Унгарија каде, недалеку од Будимпешта, работев како раководител од Советска страна на изградбата на атомската централа Пакш. За оваа централа Унгарија доби кредит од тогашниот СССР па нам ни падна задачата да ја изградиме истата. Оваа атомска централа се уште работи и е една од најдобрите во светот. Потоа бев назначен за раководител на Руската атомска централа на Куба каде бев директор во процесот на нејзината изградба. Но, настана Перестројката па ние моравме да ја напуштиме Куба без да го завршиме проектот. Од 1992 година живеам и работам во Москва и сум еден од раководителите на организацијата на ветерани – атомски енегетичари на Руската федерација. Бев директор и на Чернобил откако на оваа централа се случи хаваријата.
Би сакале од Вас лично да слушнеме коментар за иднината на атомската енергија во производството на струја. Во светот има различни мислења во однос на ова прашање при што посебна активност пројавуваат екологистите кои овој вид енергија го сметаат за најопасен по човештвото.
- Во светот постојат два погледи во оваа смисла. Еден позитивен друг негативен. Мој став како експерт по атомска енергија, а тоа е став и на целата експертска јавност, е дека атомската енергија останува незаменлива и на неа светот ќе се потпира во идните најмалку 50 години. Зошто го тврдам ова? Прво, затоа што неатомските централи работат на јаглеродни горива – гас, јаглен, органски материи – чии резерви во светот се ограничени. Треба да се знае и тоа дека еколошката безбедност на атомските централи е на далеку повисоко ниво од централите на органски горива. Цената е третиот елемент во прилог на атомската енергија бидејќи таа е многукатно пониска. И четврто, светот уште најмалку половина век нема да може без атомските централи.
Може ли, во оваа насока, да добиеме некои споредбени податоци?
- Како не. За работа на атомска централа од типот на Чернобил со три реактори на атомски погон, за непречена работа во период од две години, потребни се два вагони прачки од ураниум. Со ова гориво централата ќе произведува три милиони киловати што е енергија доволна да обезбеди три градови од големината на Москва, односно близу 40 милиони жители. За истото производство на струја во истиот временски период неопходни се 900 вагони јаглен дневно, односно два милиони тони нафта за тие две години. И на лаиците им е јасно дека јагленот и нафтата, во такви огромни количини, се неспоредливо поголеми загадувачи на животна средина од атомската енергија. Настрана фактот дека ресурсите на јаглен и нафта се ограничени што не е случај и со атомската енергија.
Но, светот го имаше својот Чернобил а потоа и Фукушима. Две големи хаварии на атомски централи со голем контаминиран простор и со многу жртви?
- Чернобилската катастрофа беше во 1986 година кога експлодира еден од вкупно четирите реактори. Тогаш бев во Будимпешта и од Владата на СССР добив итен повик да се вратам во Москва бидејќи ме назначија за директор на Чернобил. Пред мене беше една исклучително голема одговорност, оштетениот реактор да го ставиме во безбедносен бетонски саркофаг. На решавање на проблемот во станицата се променија над 300.000 лица од разни профили. На саркофагот потрошивме 250.000 кубни метри бетон. По хаваријата цели три години останатите три блока работеа. Ние како експерти бевме со став дека Чернобил треба да продолжи да работи со своите три реактори, секој со моќност од по еден милион киловати електрична енергија, но Украинската влада донесе одлука централата да ја затвори. И денес сметам дека тоа е политичко решение кое не почива на било каква стручна експертиза, дека Чернобил и денес со трите реактори кои беа во добра состојба ако работеше со струја ќе беа обезбедувани три града од големината на Москва. Во контекст на прашањата само можам да одговорам дека ниту една работа на светот не е со стопроцентна безбедност, тоа е случај и со атомските централи, но секогаш централно останува прашањето што добиваме а што губиме од едното или од другото решение.
Како стои Руската Федерација во однос на користењето на атомската енергија?
- Во мојата држава има изграден однос кон овој вид енергија. За тоа говори фактот дека ние имаме Руска организација за атомска енергија во која членуваат над 15.000 лица. Раководството кое е професионално, се состанува на секои три месеци при што дебатираме за сите аспекти во однос на овој вид енергија. Наш партнер е државата и ние ги разгледуваме различните проблеми. Претседател на организацијата е генералниот директор на РАС, атомски енергетски конзорциум на Русија, во чија надлежност е работата на сите десет атомски централи во земјата, а јас сум прв потпретседател. Нашиот глас се слуша, власта ги почитува нашите експертски ставови. Резултат на тоа е интензивната изградба на атомски централи низ цела Русија со вкупно 15 енергетски блока секој од по еден милион киловати. По наши, руски проекти атомски централи се градат во Кина, Иран, Белорусија, Индија и сега во Европа а тоа е централата Белене во вам соседната Бугарија. Денес Русија, во својот европски дел 25 проценти од потребите за електрична енергија ги обезбедува од атомските централи, а цела Русија задоволува 14 проценти од своите енергетски потреби од овој вид енергија. Ние оценивме дека е тоа малку и затоа упорно работиме на изградба на новите блокови.
Пред две години ја формиравте и Меѓународната организација на ветерани атомски енергетичари. Која е целта на организацијата?
- Наша главна цел е да ја промовираме атомската енергија меѓу населението. Таа да не биде баук, со неа да не се застрашуваат граѓаните. Цел ни е што поголем број луѓе да ја сфатат нејзината вредност, предностите кои овој вид енергија ги има во однос на сите други видови енергија. Во организацијата веќе имаме членови од десет држави, Русија, Унгарија, Бугарија, Словачка, Финска, Украина, Ерменија и други. Како експерти, во рамките на организацијата си поставивме задача да ја пропагирама атомската енергија насекаде бидејќи тоа го сметаме за свој долг кон сегашноста и кон иднината на човештвото. Како организација, во државите во кои имаме партнери ги разгледуваме различните проблеми и нудиме решенија за истите. Така станавме големо меѓународно семејство кое и во иднина ќе работи на пропагандата на атомската енергија без која современиот свет не може.