Во саботата, 24.10.2015, во големиот амфитеатар на Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ во Свети Николе на Меѓународниот Славјански Универзитет во Свети Николе свечено му беа врачени книги од Фондацијата на нобеловецот Солженицин, со седиште во Москва. Настанот започна со краток вовед за животот и делото на нобеловецот Александар Солженицин, а беше отворен од Амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Неговата Екселенција, господинот Олег Шчербак.
Оваа донација Амбасадорот ја нарече „духовна штафета“ поради фактот што првите книги на кирилица во Русија пристигнале токму од Македонија, а сега, после многу векови, книги напишани на истата кирилица пристигнуваат од Русија во Македонија.
На присутните им се обрати и претставник од Фондацијата „Александар Солженицин“, господинот Виктор Леонидов, кој го изрази своето задоволство што во Македонија постојат институции кои ја проучуваат руската култура, историја, јазик и литература. Донацијата произлезе како резултат на долгогодишната работа на Меѓународниот Славјански Универзитет во промоцијата на руската култура во Македонија и надвор од нејзините граници.
Организатори на настанот беа Меѓународниот Славјански Универзитет, Амбасадата на Руската Федерација во Р. Македонија и Фондацијата Александар Солженицин. По свеченото врачување на книгите, пред присутните настапи градскиот мандолински оркестар „Св. Николај“ од Свети Николе, под диригентската палка на маестро Кирил Трајковски.