Проректорката за настава на Меѓународен Славјански Универзитет, проф. д-р Павлина Стојанова, и деканите и продеканите на нашите 5 факултети, свечено ги врачија дипломите на дипломците и магистрите на Меѓународен Славјански Универзитет во Битола. Свечениот настан се одржа на 25 мај 2023 година Офицерски дом, Битола.
На настанот беа врачени и благодарници за нашите соработници кои ги поддржаа нашите студенти за време на нивната пракса. Благодарници беа врачени на: Марија Младеновска Димитровска, СОУ ,, Таки Даскало“, Аница Златевска, Жанета Ристевска, Марија Трајковски, ЈОУДГ ,,Наша иднина“ и Агенција за вработување.
Во прекрасна свечена атмосфера, заедно со студентите се потсетивме како сите заедно растевме, на тимската работа и на безрезервната поддршка од нивните најблиски кои веруваа во нив. Нашите студенти и нивните семејства се дел од нашата универзитетска историја, дел од големото семејство на Меѓународен Славјански Универзитет. Како универзитет се гордееме со своите студенти и без нив немаше да бидеме една од најуспешните приватни високобразовни институции во земјава.
Се надеваме дека сите оние моменти кои го оплемениле студентскиот живот на оваа генерација ќе останат како едно убаво животно искуство. Голема благодарност до родителите на дипломците и магистрите за поддршката во текот на студиите.
Низ годините со макотрпна работа, чесност, квалитетна едукација, посветеност и ориентираност кон студентите во период од скоро две децении успеавме сите заедно да го изградиме универзитетот и да го направиме да биде еден од најголемите приватни универзитети од кои излегуваат висококвалификувани кадри. Меѓународниот Славјански Универзитет постои веќе 19 години, располага со два кампуси во Свети Николе и Битола и е втор дом на повеќе од 2000 студенти.
Патувањето не завршува тука. Тоа е само почеток на новото поглавје исполнето со непознати работи, нови авантури и неограничени можности. Искористете го знаењето што го стекнавте за да направите позитивно влијание во нашите заедници и пошироко!