Во просториите на Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ во Битола на поетот Јован Стрезовски, денес во 12 часот му беше врачена наградата „Державин“, што се доделува за најдобра стихозбирка објавена во периодот од јули 2015 до јули оваа година.
Високото признание Стрезовски го доби за поетската книга „Времено и трајно“.
Одлуката за наградата, што ја доделуваат Друштвото на писателите на Македонија и Славјански едногласно ја донесе комисијата во состав: Иван Чаповски (претседател), Стојан Тарапуза и Паскал Гилевски.
Жирито оценува дека најновото поетско остварување на Јован Стрезовски се одликува со високи естетски дострели кои се вградуваат во ризницата на трајните вредности на македонската литература.
Доајенот на ДПМ, Јован Стрезовски, годинава одбележа 85-годишен животен јубилеј и 60 години творечка дејност. Како поет, раскажувач, романсиер и писател за деца, создаде опус од четириесетина дела.
Беше долгогодишен директор на Струшките вечери на поезијата и претседател на Собранието на ДПМ.