Денес во библиотеката на Сибирскиот федерален универзитет беше презентирана соработката помеѓу Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ и неговите руски партнери, со посебен акцент на соработката со Тамбовскиот државен универзитет „Г. Р. Державин“ од Тамбов, Русија.
Презентацијата е дел од регионалната програма на 19-тиот Светски фестивал за студенти и млади кој се одржува во Сочи од 14-ти до 22-ри октомври. Регионалната програма опфаќа посета и на други градови во Русија за време на фестивалот.
Дел од нашите претставници го одбраа Краснојарск како град кој сакаат да го посетат во рамки на регионалната програма. Краснојарската област е 100 пати поголема од територијата на Македонија (да, добро прочитавте 🙂 ).
На настанот се обратија и министерот за спорт на Краснојарскиот регион (С.И. Алексеев), Генералниот директор на извршниот комитет за зимската Универзијада 2019 (М. С. Уразов), министерот за култура на Краснојарскиот регион (Е. Н. Мироненко) и раководителот на Агенцијата за млади и имплементирање на програма за социјален развој (С.И. Јегоров).
Сибирскиот федерален универзитет е дел од федералниот проект 5-100, a очекуваниот резултат од овој проект е до 2020 година барем 5 руски универзитети да бидат на листата од Топ 100 универзитети во светот, што значи дека можеби и овој универзитет ќе влезе во најдобрите 100 универзитети во светот.