Меѓународен Славјански Универзитет и Центарот за стручно образование при Евро-славјанска заедница од Ќустендил неделава успешно ја завршија 7-дневната обука насочена кон зголемување на дигиталниот капацитет на специјалистите кои работат во областа на образование од Бугарија.
Обуката беше организирана во рамки на Еразмус+ проектот за мобилност на ученици и вработени во стручно образование и обука со наслов „Together for the digital future of Kyustendil“. Обуката се состоеше од пет посебни модули: презентациски вештини во дигитално опкружување, визуелна естетика, креирање и примена на видео предавања, работа со бази на податоци и работа со лица со посебни образовни потреби во дигитална средина.
Обуката се одржа во кампусите на Меѓународен Славјански Универзитет во Свети Николе и Битола. Предавањата ги држеа предавачи и професори од Меѓународен Славјански Универзитет, меѓу кои д-р Јордан Ѓорчев, д-р Мимоза Јанкуловска, д-р Горица Поповска Налевска и м-р Мартин Савевски. За времетраење на обуката учесниците имаа можност да ги користат одличните наставни капацитети обезбедени од Меѓународен Славјански Универзитет, да се запознаат со иновативни академски практики и да ја искусат уникатната македонска култура, храна и гостопримство.