Студентски блог: Емпатијата како импeратив на човечноста – Светлана Димитрова

Се одржа виртуелниот маскенбал на Институтот за култура и уметност по повод Први април
1 април 2021
Резултати од Првоаприлскиот конкурс 2021
2 април 2021

Студентски блог: Емпатијата како импeратив на човечноста – Светлана Димитрова


Емпатијата како импeратив на човечноста


 од Студентски блог – студентски размислувања


Пишува: Светлана Димитрова, студент на факултетот за Психологија при МСУ

Во едно време – невреме да се биде и да се остане човек е голема доблест. Кај сите нас од ден на ден се повеќе се вклучува тој животниски инстинкт само за преживување. Некако, на соптвената кожа секој ден се повеќе ја читаме или чувствуваме суровоста и безчовечноста, секој ден се поблиску до нас па и во нас ја чувствуваме, а што е најжално се помалку ни смета, се претопуваме. Се одалечуваме, но никој од нас не знае каде одиме. Претрупани сме од сопствените проблеми, немаме ни време да размислиме дали можеби, ако се сплотиме ќе направиме едно подобро место за живеење. Емпатијата стана само збор што во статиите го среќаваме. Како да живееме во различни светови, како истите проблеми да не се присутни секаде во светот, како да не минуваме сите низ исти или слични нејасни патишта што пред нас се предодредени.

Но дали сме ние тоа во суштина? За ваков свет сонувавме ние и нашите предци? Каде потфрливме? Една приказна што одамна ја прочитав никако не може да ми излезе од главата. Приказната беше за првиот знак на цивилизацијата, раскажуваше дека првиот знак не биле глинени садови, алатки или оружето, туку скршена бутна коска која оздравела. Всушност во едно животинско царство ако скршиш коска не можеш да преживееш многу време. Таа скршена оздравена коска е доказ дека некој му помогнал, го згрижил ранетото животно. Токму таа иницијална точка, помошта на некој на кој му треба помош, сочувствувањето со друг е момент кога почнува цивилизацијата, кога ние луѓето стануваме луѓе.

Ако емпатијата е императив на сите цивилизациски генерации, како очекуваме ние опседнани само со сопственото его да опстанеме?!

На каде тргнавме ние, каде е сочувството, каде исчезна желбата да помогнеме? Дали егоизмот некого некогаш направил посреќен или духовно побогат?

 Не треба многу за да изнудиме една насмевка, еден убав гест. Само треба да сакаме. Ако еден ден успееме да осознаеме дека помагајќи на друг најголем бенифит сами на себе си правиме, светот ќе стане многу подобро место за живеење. Способноста да помогнеш на друг човек или да направиш некого посреќен е дар и благослов за самото наше битие. Со тоа си ја храниме душата, се доближуваме до вистинското јас, од светот кај што потекнуваме пред да ни кажат кои треба да бидеме.

Да пробаме да се вратиме од каде што потекнуваме. Само да пробаме. Одамна веќе нема што да изгубиме.

Љубовта и емпатијата не се луксуз, тие се неопходност. Без нив, човештвото не може да преживее – Далај Лама

Има благородност во сочуствието, убавина во емпатијата, и милост во простувањето – Џон Коноли



Рубриката студентски блог е иницијатива на Здружението на студенти на Меѓународен Славјански Универзитет. Сите студенти при МСУ кои сакаат своето мислење да го изразат преку кратки есеи, можат својот пишан збор да го испратат на blog@msu.edu.mk.

*Сите испратени дела ќе бидат прегледувани од наш стручен кадар. Прифатените дела ќе бидат објавени на нашата официјална страна и секоја среда ќе биде објавуван по еден студентски блог во Битолски весник.