Студентски блог: Време е! – Марија Иванова

После седум успешни дискусии и вкупно 1000 уникатни посетители заврши првиот циклус на вечерни дискусии на теми од психологијата со доц. д-р Ана Чучкова
12 март 2021
На МСУ во Свети Николе беше одбележан рускиот празник Масленица
13 март 2021

Студентски блог: Време е! – Марија Иванова


Време е!


 од Студентски блог – студентски размислувања


„Она што на менталното здравје му е потребно е повеќе сончева светлина, поголема искреност и повеќе несрамни разговори“
– Глен Клоуз –


Пишува: Марија Иванова, студент на факултетот за психологија при МСУ

Живееме живот со брзо темпо, трагаме по социјална прифатливост, финансиска стабилност и брзајќи сакаме да постигнеме успех на секое поле. Со „новото“ време, животот си носи  на одреден начин  и потешко време. Во потрагата по материјалност како да се изгубивме себеси, а едновремено како да ги изгубивме и вредностите кои ги прифативме, научивме. Дали воопшто знаеме кои се тие вредности и  каде води „новиот“ свет? Дали сме свесни и за последиците од непромисленоста, од брзањето по новите патеки за да се усогласиме со „сите“?

Несвесноста за тоа каков е нашиот живот, честото трагање по туѓи идеали и наметнати мислења, идеали, идеологии, без притоа да имаме сопствен став и вредносен систем, несомнено  води кон разнишување, или пак, губење чувство за личниот развој и личниот интегритет, кредибилитет, за на крај да го изгубиме и сопствениот авторитет.

Многумина од нас, се соочуваме со многубројни психолошки растројства. Ако се запрашаме зошто и како, одговорот ќе го пронајдеме дека е поради  ваквото темпо на живот и идеализирањето на некои испревртени вредности. Знаеме ли што е најтажно од сè? Можеби, она што не сакаме да признаеме по кои патеки „тргнал“ светот. И сè  потешко  е да си признаеме дека во нас самите е проблемот, фактот дека се срамиме од тоа да покажеме дека ние сме во некаква „разнишана“ состојба и дека ни е неопходна помош… Оваа година, година на криза во секоја смисла, почнав да учам дека првиот чекор кон себеподобрување е самоприфаќањето. Сфатив дека тоа најголема храброст во животниот од е да се прифатиме токму онакви какви што навистина сме, да се соочиме со  нашите стравови, нашите мисли, нашите желби. Едновремено, да бидеме свесни за нашите доблести и маани, да можеме да се справиме и да живееме со нив, да сме свесни и да признаеме кога и зошто ни е потребен совет, а во одредени ситуации и стручна помош. Нашето ментално здравје е подеднакво важно како и нашето физичко здравје. Имено,   човечкиот мозок е делот каде започнува сè и од каде си заминува сè. Без добро ментално здравје ние не би биле способни да функционираме како индивидуи на никакво ниво. Менталното здравје  ни е значаен показател за тоа кој може да влијае на нас, на односите на нашето работно место, на партнерските односи, на односите во семејството.

Доколку го запоставиме нема ниту да бидеме свесни што и кој/кои може да доведат  едноставно до губење на социјалната улога која ја играме во општеството. Сè  започнува со мислата и таа е побрза од сè во животот. Не залудно рекле „Какви мисли – таков живот“. Со позитивни мисли се дефокусираме од негативноста и на тој начин можеме да ги избегнеме најопасните вируси на денешнината, како што се: стрес, анксиозност, депересија.

„Новото време“ не научи и ни потврди дека не секој може да се справи со негативните мисли и не секој знае на соодветен начин да го канализира стресот. Факт е дека живееме само во моменти. Сиот наш живот е составен од моменти – тие мали делчиња од мозаикот наречен Живот. Сè може да се случи во само еден дел од секундата, во одреден „наш“ миг и тогаш сфаќаме дека само еден момент е доволен за да се промени нечиј живот или да се промени нечиј видик на светот како тоталитет. Време е! Време е да се работи на подобрување на квалитетот на животот воопшто, ама сите заеднички во создавање подобро утро за сите. Време е да се има увид во причините за негативните мисли кои водат до негативни состојби. Време и да побараме, или пак од свое искуство да дадеме совет, помош онаму каде што е потребна. Можеби од сè, најмногу е потребно некому да му се посвети внимание т.е. време, бидејќи времето е најскапоценото нешто во животот.  Вниманието кое го посветуваме некому може да подобри мисла, да смени нечија „судбина“. Време е и да се запрашаме колку разговараме едни со други искрено. Разговорот е двигател кон подобрување на менталната состојба, така велат многу научни теории, но, пандемијата тоа ни го потврди на сите нам. Сите ние сме различни, на различни начини канализираме негативни мисли, стрес, загуба. ОК е на моменти да не сме  ОК. ОК е да имаме страв, да бидеме анксиозни, да поминуваме низ депресија. Знаеме ли што не е ОК ? Не е ОК да се затвориме во себе, не е ОК да не комуницираме, не е ОК да не прзинаваме дека имаме проблем, не е ОК да не бараме стручна помош заради стигамтизацијата и предрасудите. Е, тоа не е ОК. Тоа е главниот проблем кој треба да се одбегне, грижејќи се за нашата ментална хигиена. Време е да научиме да не следиме туѓи идеали, да не следиме туѓи примери, туку да го ставиме нашиот живот во центарот на светот и да да се научиме да живееме „здрав живот“. Многумина ќе се запрашаат  –  што значи тоа? Јас научив дека треба да научиме да ги препознаваме индивидуите, нивните намери, да  бидеме подалеку од негативни луѓе, да сме свесни и освестени за човечките вредности, да имаме самодоверба и самопочит искристализирани  низ преиспитувањата  на нашите искуства, на туѓите искуства. Опкружувањето е нашиот втор свет, затоа внимателно да го бираме. Да ја (со)чуваме „нашата“ енергија за „големи“ нешта, дела, луѓе вредни за нашето време, знаење, чувства.

Понекогаш си велам: „кому ли да го кажам она што го гледам кога никој не го гледа тоа што јас го гледам?“ Да се биде различен во овој свет истовремено е и предност и недостаток. Но, да се биде посебен и свој во овој свет е најголемото човечко достигнување. Цела една животна филозофија ни се проткајува  – да научеме како да бидеме  посебни, единствени, автентични, уникатни. Да не се следат примерите на другите луѓе, да не се следат туѓите идеали, животот е само „наш“ и ние го градиме самите со нашето „избрано“ опркужување. Психичката состојба во која се наоѓаме е наша, ние сме си ја создале, ваква или онаква. Време е да да се погрижиме да останеме во добра психичка благосостојба и да признаеме дека некогаш и  таа е нарушена, но, пак за наше добро, за да научиме некои лекции.  Време е вистински  да се почитуваат различностите и да се даде поддршка на секое човечко битие, доколку тое е возможно, да ни се развие на поголемо ниво алтруизмот и да се срушат предрасудите околу менталното здравје. Време е  да го подобриме нашето ментално здравје за нас, за Вас, за сите на овој свет! Со тоа сите би имале подобар живот и подобар свет, но најпрвин да му дадеме време на „нашето време“ и да станеме подобри луѓе и освестени личности.



Рубриката студентски блог е иницијатива на Здружението на студенти на Меѓународен Славјански Универзитет. Сите студенти при МСУ кои сакаат своето мислење да го изразат преку кратки есеи, можат својот пишан збор да го испратат на blog@msu.edu.mk.

*Сите испратени дела ќе бидат прегледувани од наш стручен кадар. Прифатените дела ќе бидат објавени на нашата официјална страна и секоја среда ќе биде објавуван по еден студентски блог во Битолски весник.