Студентите од клубот на психолози при МСУ спроведоа интервју со проф. д-р Кети Несторовска

На МСУ изработен софтвер за математички пресметувања со огромни броеви
13 јуни 2019
Продолжување на рокот за Еразмус + програмата
18 јуни 2019

Студентите од клубот на психолози при МСУ спроведоа интервју со проф. д-р Кети Несторовска

Со задоволство Ви го носиме интервјуто на еден врвен професор од Меѓународен Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“, професор доктор Кети Несторовска. Додека предава по предметите социологија, социјална психологија и психологија на семејство, нејзините знаења се распростануваат во вистинска лепеза. Се надеваме ќе уживате читајќи го интервјуто исто толку колку што ние уживавме слушајќи ги одговорите за прв пат.

  • Колку всушност е важна и потребна социјалната страна во нашиот живот?

Пресудна е, бидејки како кажал Аристотел човекот во основа е само политикон или опшествено суштество. Социјалната компонента е резервирана единствено само за homo sapiens- човекот и во психолошките теории на Маслов многу често афилиативни или социјални мотиви ги надминуваат примарни мотиви од типот на глад, жед итн..

  • Kое е Вашето мислење за зголемувањето на конекцијата со луѓето на далечина преку технологија, за сметка на намалување на конекцијата со оние во непосредна близина?

Сакале ние или не, технологијата го направи сама по себе тој чин. Обезбеди комуникација на далечина и на тој начин комуницираме во просторот и во времето. Тоа е карактеристика на втора половина на 20 и 21 век со што на одреден начин планетата се преобрази во глобално село.

  • Што е најважно за да успееме да се поврземе со другите луѓе?

Да успееме да ја развиеме комуникациската способност, да ги реализираме заедничките интереси, кои се најчесто од егзистенционален каракер и да градиме односи на комуникација во смисла на натпревар и кооперација во позитивна смисла.

  • Кога се поврзуваме со други луѓе, неизбежно е и да наидеме на некој конфликт. Кој е најдобар начин за справување со конфликтите?

Човекот во основа ги поседува двата нагони, на животот и деструктивниот нагон. Значи деструкцијата е составен дел на однесувањето на луѓето. Меѓутоа, суштината на нашето  живеење и долготрајниот процес на социјализацијата е како да извлечеме максимум од било која ситуација, за да може со вештина, знаење и умеење да обезбедиме поразвиени квалитетни меѓучовечки односи и да ја реализираме поставената цел.

  • Дури и високо разумни луѓе, во период на заљубеност, ги носат „розовите наочари“ кога е во прашање нивниот партнер. Зошто се случува тоа и дали може да се контролира?

Заљубеноста е фаза на хипноза во која луѓето не можат да се препознаат себеси, при што нивото на свесност е паднато на многу ниско ниво. Секако, добро рекол францускиот филозоф Волтер „Ако не била 18-тата година никогаш немало ни да постои заљубеноста“, значи таа е соодветна фаза во развојот на секоја личност, па дури би рекла неминовна. Во тој период на заљубеност потврдено е дека  разумното расудување му е страно на човекот, но за среќа тие фази траат релативно кратко, па нагонското и несвесното се заменува со повеќе и помалку свесно и разумно постапување.

  • Многу од нас живеат со нашето пошироко семејство. Исто така се живее и со родителите до доста возрасни години, ако воопшто и се исселиме, што е многу поразлично од тоа како се сфаќа еманципацијата на запад. Кои се позитивните и негативните последици од тоа?

Тоа е дел од традиционалната форма на живење од културолошко – аксиолошкиот систем на вредности кој е присутен кај нас. Секако, традицијата е најтрајниот елемент на секоја култура и многу бавно се менува, но кај нас и во вакви апорични општествени прилики кои траат скоро 30 години многу нешта се променија, но традиционалниот модел околу колективно живеење од објективни причини сеуште постои. Зошто е тоа така? Социо -економските прилики на живеење не овозможуваат младите луѓе да го остварат нивното основно право, како би рекол Цицерон правото на работа, и од тие причини повеќе или помалку „врзани“ се со заедничко жевеење со примарното семејство и без обзир на тоа што постигнале психо – физичко созревање и по цела логика на нештата би требало да живеат самостојно. Секако, освен овие објективни причини, присутен е тука и субјективниот фактор на преголемата емоционална поврзаност на родителите со децата и некогаш дури и трагично сфаќање дека издвојувањето од семејството е можеби знак дека тие не ја реализирале нивната родителска функција во вистинска смисла на зборот. Јасно, искуството од запад зборува за едно сосема поинаква интерперсонална релација родители – деца.

  • Од друга страна се оние кои на некоја возраст се иселуваат надвор од земјата, со што нивните деца растат без нивното пошироко семејство, а нивните родители го доживуваат синдромот на празно гнездо во поголеми размери. Кои се ефектите од ова и како да се намалат негативните ефекти и за двете страни?

Сосема е сигурно дека општествено еконосмките прилики во периодот на транзиција понудија други алтернативи и потрага по егзистенцијални услови за живот. Всушност социолозите зборуваат за трета светска војна, а тоа е масовна миграција што се случува на популацијата во целиот свет. Ние не сме исклучок и не можевме да останеме надвор од ваквите масовни миграции, но очигледно во толку големи размери веќе станува симптоматично која е иднината на малите народи и како ќе го заштитиме коренот на нашиот идентитет кога на ваков начин се преселија толку многу млади генерации. Во ваков случај нема некоја розова иднина современото семејство. Едно е сигурно, за тие таканаречени празни гнезда, ќе се вгнездува осаменоста и алиенацијата кај луѓето ќе расте.

  • Родителите за помош во социјализацијата на своето дете ги употребуваат методите наградување и казнување. Кој од овие методи е подобар и како да се употребува?

Психолозите знаат често да кажат дека наградата многу повеќе стимулира од казната, но во начело да ги вклучиме од најмали нозе и казната не смее да изостане, секако како најблагата педагошка мерка, за да се научи што е добро, што е лошо, што е позитивно, што е негативно. Во овие децении низ кои ние поминуваме морално – воспитните модели како да се променија, а тоа значи дека несоодветото наградување и казнување доведоа до хаос во вредносниот систем во младите генерации и многу често желбата за брзо заработување ги одвлече во разни форми на девијантно однесување.

  • Дали навистина може врсничките групи во периодот на адолесценција да ги темелно изменат вредностите на едно дете кои претходно биле добиени од страна на семејството? Накратко, колку е точна онаа изрека „со кој си, таков си“?

Сигурно е дека врсничките групи се многу важен фактор во процес на социјализација, и во одреден период на развојот на адолесцентот дури се примарен фактор. Авторитет на другарот може да биде поголем од авторитетот на родителот, посебно доколку родителот не е во состојба да ги обезбеди потребите на своето дете поради многу објективни причини, а желбите и потребите на таа млада личност се големи, врсничката група може да прерасне во  форма која може да му даде белег на таа личност, за жал многу повеќе во негативна отколку во позитивна смисла.

  • Бројот на разводи денес е многу поголем отколку во минатото, со што расте бројот на деца кои доаѓаат од непотполно семејство. Што би ги советувале нив?

Статистичките податоци се незанемарливи и презентираат реална слика на состојбите. Реална состојба е дека бројот на разводи расте, но доколку станува збор за дисфункционални семејства во кој е многу често присутна пеколна атмосфера, алтернативата развод се испоставува дека е поприфатливо решение за едно дете кое е во фаза на раст и развој. Сосема е сигурно дека повеќе или помалку трауми остануваат кај деца кои поминуваат низ различни конфликтни ситуации во нивните семејства, но сепак и ова оди во прилог на фактот дека и митот за бракот – семејството како трајна институција се повеќе се руши во современиот свет на живеење.

  • Луѓето кои се во онаа златна доба, во нашата земја, имаат тенденција да се сé повеќе повлекуваат во своите домови, дури и во случаите кога претходно биле доста друштвени. Зошто е тоа така?

Средната доба е само една од фазите низ кои поминува – треба да помине човекот, а во колкава мера ќе биде активен и ќе го искористи овој период од животот зависи од повеќе фактори – физичкото здравје, психичката состојба, од културниот модел на живеење на индивидуата во кој тој успеал да ја задржи својата виталност или не. Во западно европските држави можноста за подржливост и активност во средниот период на животот на луѓето е многу поголема, бидејки општеството им обезбедува таква социјална и економска политика за реализирање на професионален план. Сигурно дека поголемата благосостојба е мотив за активно делување во поодминати години и обратно, недостатокот на основни егзистенционални средтсва го намалува и мотивот и желбата.. за да бидеш активен граѓанин во средината во која живееш. Многу често се случува лицето кое е на крајот на својот животен век и кое би требало да замине во пензија, ќе ги извршува своите родителски обврски наместо да отпочне со една релаксирана форма на различни видови на хоби или слично, своите финансии ги резервира за невработениот син или ќерка кое формирале свое секундарно семејство.

  • Отсекогаш сте ја акцентирале потребата да се читаат книги. Која книга Ве има променето најмногу? Што читате во моментот?

Не можам да ги заобиколам руските класики.  Тие според мене се врв во светската литература и не случајно Шолохов и неговиот „Тивкиот Дон“ (Тихий Дон) ми е омилено четиво. Станувам свесна дека толку многу е напишано што еден човечки живот не стига да прочита ни по една реченица од секоја книга, затоа постојано се навраќам на нобеловци од типот на Андриќ и на неговите мудрости кои подеднакво важат за денес иако биле искажани пред скоро неполн век.

  • За крај, каков совет би дале на нашите читатели?

Бидејќи произлегувам од фелата на професорскиот кадар, јас го користам цел живот мотото на Ленин „Учете, учете и само учете“, бидејќи надобразбата многу значи. Со неа стекнуваме вредности, знаења , умеења.. А ја надминуваме глупоста, незнаењето..

 

Ви благодариме!
Интервјуто го спроведе Данче Митева,
студент на Факултетот за  психологија при МСУ.