Почитувани бруцоши,
ве известуваме дека академската година започнува на 1-ви октомври. По повод почетокот на новата академска година, тимот на Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ подготви Zoom свеченост за првиот академски час.
На почетокот на секоја академска година традиционално се одржува првиот академски час заедно со свечено врачување на индекси во Свети Николе и Битола, но годинава настанот ќе биде спроведен онлајн, преку Zoom платформата.
Настанот ќе се одржи на први октомври, со почеток од 12:00 часот. Линкот ќе Ви биде доставен во порака на телефонските броеви кои ги имате оставено при упис најдоцна три дена пред почетокот на настанот.
Настанот ќе биде одлична прилика да се запознаете со ректорката на универзитетот, деканите, менторите и професорите кои ќе ви предаваат. Имаме подготвено и виртуелна прошетка низ универзитетот. На првиот академски час исто така ќе ви ги дадеме сите информации во врска со студирањето, Е-учење, Е-индекс, запишувањето на семестар, пријавување на испити и сл.
Наш приоритет се здравјето и безбедноста на нашите студенти. По високиот процент на реализирани онлајн предавања и четири успешно спроведени испитни сесии , одлучивме дека онлајн предавањата во моментов се најдобар избор за нашите студенти. Годината ја почнуваме онлајн, а понатаму, соодветно на условите, подготвени сме постепено да преминеме кон предавања со физичко присуство.
Онлајн предавањата за студентите од прва година започнуваат на 2-ри октомври, а упатство како да ги преземете распоредот и линковите за предавањата ќе добиете на првиот академски час.