Нашата официјална издавачката куќа – Меѓународен Центар за Славјанска Просвета организираше промоција на книгата „Принцот што личеше на Малиот Принц“ од Јордан Ѓорчев.
Промоцијата се одржа на отворено, на терасата на хотел Романтик на Велешко Езеро на 2-ри октомври со почеток од 18 часот. „Принцот што личеше на Малиот Принц“ е уникатно дело во кое и текстот и илустрациите се подготвени од ист автор. Рецензенти и промотори на книгата беа Веле Смилевски, поранешен претседател на друштвото на писатели и истакнатиот писател Јован Дамјановски.
Во прилог се извадоци од рецензиите:
Новото литературно остварување „Принцот што личеше на малиот принц” од Јордан Ѓорчев, претставува современа варијација на познатиот роман на Антоан де Сент Егзипери „Малиот принц”. На тој начин нашиот писател создал палимпсестно дело кое ќе биде примамлива литература за читателите од различни возрасти. Оваа творба е школски пример за тоа колку и на кој начин детето, кое за секогаш се носи во себе, ја создава и открива својата филозофија на животот и живеењето. Преку возбудливата приказна за планетата на која живееме и можните планети на кои би можеле да живееме, се покажува, дека пулсот на детето во нас е главен сензор на вистината и лагата, на радоста и тагата, на животот и смртта.
Основен именител на возбудливата приказна што авторот умешно ја гради преку дијалог е потрага по големата љубов и враќање на радоста во животот. Дијалогот ја има привлечноста на детската наивност испреплетена со ненаметливо вградени филозофски нијансирања кои на текстот му придаваат значенска слоевитост, со пораки за хуманост наспроти грубиот рационализам врз кој е програмиран механизмот на денешниот свет.
Сказната на Ѓорчев во својот поттекст ја проблематизира апокалиптичната визија како резултат на аномалиите на современиот свет и на лажните вредности на кои се темели свеста на него.