Интервју со нашата студентка и каратистка Пулексенија Јованоска

Известување и пријавување за јунска испитна сесија 2020 год.
8 јуни 2020
Информации за врачување на дипломите
15 јуни 2020

Интервју со нашата студентка и каратистка Пулексенија Јованоска

Нашите студенти се активни на многу полиња. Покрај студиите тие паралелно нижат успеси и на други полиња.

Со голема гордост преку ова интервју сакаме да ви ги претставиме успесите на каратистката и наша студентка Пулексенија Јованоска.

Пулексенија е каратистка која години наназад успешно ја претставува нашата земја на меѓународни натпревари. Таа беше прогласена за СПОРТИСТКА НА ГОДИНАТА во изборот организиран од Агенцијата за млади и спорт во 2019 година и избрана за најдобра спортистка во индивидуален спорт за 2019 година од страна на граѓанската организација Такт.


Од каде сте и каде ги завршивте вашето основно и средно образование?


Мој роден град е Прилеп. Основното образование го завршив во ООУ „Климент Охридски“ во Прилеп, а средното училиште во СОУ „Ѓорче Петров“ исто така во Прилеп.


Што студирате на Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“?


Студирам на Славјанскиот Универзитет во Битола на Факултетот за економија и организација на претприемништво. Стручниот назив кој го стекнувам после студиите е дипломиран економист, а насоката на која студирам е Финансии и кредит.


Како одлучивте да се запишете на МСУ?


Одлуката за студирање на овој Универзитет ја донесов по препорака на голем број задоволни студенти и пријатели кои студирале и завршиле на МСУ. Условите кои ги нуди Славјански Унирвезитет беа поволни за мене како спортист, како и толеранцијата на професорите и љубезноста на сите вработени на факултетот во Битола.


Каде живеете и што работите моментално?


Моментално живеам во Прилеп, спортот ми е главен фокус. Поради моменталната ситуација сите натпревари се во мирување. Меѓутоа, секојдневно работам на одржување на мојата форма. Како стипендист и предлог спортист за норма за Олимписките игри кои што требаше да се одржат оваа година, морам да сум во постојан тренажен процес. Иако датумот за одржување на Олимписките игри се одложи за една година, тренажниот процес не престанува.



Како се роди љубовта кон карате спортот?


Љубовта кон каратето ја добив со текот на годините. Почетоците на мојата приказна со карате спортот започнаа од љубопитност. Како темпераментно дете со немирен дух каратето беше нешто во кое се пронајдов. Самоконтролата што ја стекнав преку овој спорт и предизвиците што ги дава секој тренинг да бидеш подобар од претходниот е една од главните причини „зошто карате“.



Како почна да ја градиш својата кариера?


Од шест години сум во сала. Преку спортот од мали нозе учев животни „правила“. Научив што е хиерархија, почит кон противникот, научив за фер – плеј, научив после секој пораз да честитам и да се враќам посилна. Научив дека секој нов меч носи поука без разлика дали губам или победувам. Кариерата ја градев со цврсти темели со мислата дека во спортот нема лесно, тешките тренинзи, откажувањето од други задоволства за мене како тинејџерка не беа препрека да бидам упорна кон остварување на мојот сон.



Како напредуваше во својата кариера?


Скала по скала, буквално. Спортот бара трпеливост. Напредувањето беше резултат на моја упорност и посветеност кон спортот. Редовноста на тренинзите резултираше со моите први резултати на државно ниво. Потоа го започнав патот кон успехот, поставував нови цели за остварување. Со секоја нова остварена цел следуваше нов предизвик, па така веднаш после државните шампионски титули следуваа балканските.

Како што растев како личност, така растеа и моите цели, спортот бараше уште поголема „жртва“ и посветеност. Така на ред дојдоа и Европските првенства на кои јас достојно требаше да ја претставувам нашата Земја. Токму тогаш го ставив најголемиот белег во македонското карате, го донесов првиот и се’ уште единствен европски медал за нашата држава (дисциплина кати У21). Таквите резултати и титули уште повеќе ме поврзаа со каратето. Донесоа нова димензија во моето учество во спортот во нашата земја. Станав стипендист и започнав професионално да се занимавам со овој спорт, за да денес бидам спортистка со најголеми достигнувања, најдобри европски пласмани во сениорска конкуренција индивидуално и стипендист на Македонскиот олимписки комитет (МОК), кој што го оди патот за норма за ОЛИМПИСКИТЕ ИГРИ ВО ТОКИО.



Колку овој спорт влијаеше врз твојот живот?


Сите знаеме колку спортот е благодет за едно дете. Колку помага за правилен телесен и психолошки развој. Каратето не само што влијаеше на мојот живот, туку ми стана и начин на живот. Преку каратето научив за дисциплина, почит, смиреност, самоконтрола, трпеливост, упорност, храброст за да можам да се изборам со сите предизвици кои што ги носи животот. Така и пораснав во личност со самодоверба што знае да се справи со сите животни препреки.


Во 2019 година беше прогласена за најдобра спортистка, но дали би можела да издвоиш по што би ја паметела токму изминатата година?


Да, дефинитивно 2019 беше моја година. Бев прогласена за најдобра спортистка на РСМ. Добив оскар од здружението ТАКТ за најдобра жена во индивидуален спорт.  Карате федерацијата ме прогласи за најдобра каратистка – кати и мојот град – Прилеп ги препозна моите успеси и ми додели плакета за најдобар спортист на градот.  Сите признанија ми се подеднакво драги, па не би издвоила ништо од успесите по што би ја паметела 2019 година. Би ставила акцент на густиот распоред на натпревари во календарот, посетив земји што ми биле животни желби, Токио, Кина, Русија, Мароко… со што сакам да ја споделам и другата страна на спортот, односно дружењето, стекнувањето пријатели од целиот свет, запознавањето со различни култури и обичаи… 2019 беше прекрасна во секој поглед.



Каде се гледате во иднина?


Во иднина без размислување се гледам во спортот. Сакам моето познавање и искуство во делот на карате да го пренесам на нови генерации, да создавам шампиони кои ќе ги достигнат и надминат моите успеси!


Која е твојата порака за жените кои се занимаваат или сакаат да се занимаваат со овој спорт?


Мојата порака за жените е да останат храбри, да се борат за политичка, економска и социјална рамноправност, рамноправност во спортот, културата и сите сфери во животот. Стоп за стереотипите, спортот е за сите! Каратето не е „машки“ спорт, а тоа го покажуваат успесите на жените во истиот. Карате, за да имаат телесно и ментално здравје, за да бидат храбри и самоуверени!


За крај, што би им препорале на нашите читатели и идните студенти?


За крај да Ви се заблагодарам. Мојата препорака е секогаш спорт, во здраво тело здрав дух! Да бидат хумани, храбри по животната патека и да градат најдобра верзија од себе!


Во продолжение повеќе фотографии од Пулексенија и нејзините успеси: