Интервју со дипл. психолог Горан Гогов, член на алумни клубот при МСУ кој го остварува својот сон

Излезе од печат книгата „УЧЕЊЕ И ПОУЧУВАЊЕ, педагошко-психолошки аспекти “ од доц. д-р Горица Поповска Налевска
5 ноември 2020
Известување за предавања на последипломски студии
17 ноември 2020

Интервју со дипл. психолог Горан Гогов, член на алумни клубот при МСУ кој го остварува својот сон

Со задоволство Ви го претставуваме интервјуто со Горан Гогов, член на алумни клубот на МСУ. Горан Гогов е дипломиран психолог, кој по завршувањето на студиите тој продолжува да го надоградува своето знаење во разни едукативни центри. Тој работи како психолог во основно училиште, а воедно има и свое психолошко советувалиште.

Во продолжение можете да прочитате повеќе за неговите искуства за време на студирањето и за тоа како изгледа неговата работа. Се надеваме ќе уживате!


Кога и како се роди љубовта кон психологијата?


– Па видете, уште како дете имав желба да им помагам на луѓето. Секогаш така ме воспитуваа, и некако сочувствував со сите кои имаат некои тешкотии. Бидејќи мајка ми е лекар честопати знаев да отидам во амбуланта и добар дел од денот да го поминам таму. Некако психологијата ме привлече читајќи многу интересни книги од Достоевски, Агата Кристи, Виктор Франкл и многу други автори. секако се роди љубов кон оваа наука и поради тоа што секогаш сум сакал да ги истражувам реакциите на другите луѓе и верувајте секогаш се прашував зошто некој работи се случуваат, дали во општеството, дали кај самата индивидуа и слично. Истражувачки тип во постојана потрага по одговори на тоа кога, како и зошто.

Своето високо образование го завршивте на МСУ. Како и зошто одлучивте да се запишете на нашиот Универзитет?


Високото образование го завршив во МСУ „Гаврило Романович Державин“, а како тоа се случи? Тоа се случи кога во четврта година од моето средно образование  дојдоа презентери од ваша страна во нашето Средно Училиште „Јане Сандански“ – Струмица и веднаш кога слушнав за факултетот за психологија некако во мене се појави она што погоре го реков истражувачи дух, за тоа што таму се учи, што е психологија, некако сакав подетално да знам за оваа наука, и секако се решив да студирам на Славјански бидејќи верував дека таму ќе учам од професионалци од нашата држава Македонија, Русија, Србија, Бугарија и многу други земји кои се дел од соработката на универзитетот, што и тоа се случи и се стекнав со непроценливи знаења и вештини кои придонесоа денес да бидам оној психолог и онаа личност која сакаше, а сега знае и умее да помага на сите.


   


Работите во основно училиште како психолог и секојдневно се среќавате со деца до 14-годишна возраст, дали можете да споделите дел од искуството на работа со нас?


Да, работам во Основното училиште „Гоце Делчев“ во општина Босилово со деца до 14- годишна возраст. Дел од искуството, па видете секој работен ден си носи своја убавина, не секогаш поминуваат исто работните денови, главно, со пристигнувањето на работа првото нешто што го правам е вклучувањето на компјутерот, бидејќи добро знаеме без технологијата во денешно време е многу тешко. Па така најпрвин се гледаат приоритетните задачи за тој ден, дали се работи за некои податоци, некои статистики, анализи и слично, а потоа се оди според планот на програмата за работа на психологот во училиштето, односно кои задачи треба да се завршат во тековниот месец или недела, што сѐ има испланирано психологот, секако не сам, туку во соработка со директорот, педагогот, наставниците и другиот персонал во училиштето. Во целата работа на воспитно – образовниот процес најважни се децата. Мора да се напомене дека сите ние кои сме инволвирани во тој процес сме таму поради нив. Дел од работниот ден на психологот е да планира, организира и спроведува активности со децата, дали преку изготвување на некои флаери за едукација или едукација преку одржување на час за менталното здравје, дали организирање и спроведување на некои работилници, кои морам да напоменам дека на децата им се многу интересни, понекогаш, пак, се повикуваат и родители за разговори, воглавно психологот има задача да планира, да организира и да спроведува, преку начините и методите, како да се подобрува климата во училиштето, како помеѓу колективот така и помеѓу децата, секако работи и кон подобрување на психичкиот живот, емоционалната благосостојба, личниот раст и развој, работи со деца кои имаат поразлични потреби, работи со талентирани ученици, се користи со разни тестови за утврдувања и мерења, и да не должам многу, едноставно работата на училишниот психолог можам слободно да кажам дека е многу интересна, активна и весела, а сето тоа пак на психологот, односно лично на мене, ми прави да се чувствувам многу среќно, задоволно, благодарно, пред сѐ на Бога, а и на сите останати, и чувството да се работи со деца ме прави да бидам посреќен и исполнет.


Поради настанатата ситуација со КОВИД – 19 знаеме дека повеќето училишта работат онлајн, дали и Вие работите онлајн и како им помагате на децата да се справат со оваа ситуација?


Оваа пандемија предизвика многу турбуленции во секојдневието, посебно во образовниот систем, односно кај децата. Најпрвин кога се појави вирусот и кога добивме решение за прекин на наставата добри 3 месеци работевме од дома, но потоа работите се променија и сега си работиме со физичко присуство, но за жал децата седат пред своите компјутери да ја следат наставата. Како им се помага на децата? Најважниот сегмент на којшто водам грижа е едукација, превенција и унапредување на менталното здравје кај децата, секако без исклучок и кај нивните родители и наставниците. Едноставно работата на психологот во оваа време е насочена кон целото општество, односно е насочена кон едуцирање и превенција за менталното здравје. За овие цели во работењето се користам со најразлични инструменти и канали на комуникација, како со повикување и физичко присуство на учениците (спроведено според сите усвоени протоколи од МОН) така и преку онлајн (online) апликациите за работа. Им се споделуваат Пауерпоинт ( Power Point) презентации за менталното здравје, им се споделуваат и објаснуваат начините и техниките како да се справуваат со стравот, вознемиреноста, агресивноста, насилството во виртуелниот свет (cyber bullying), физичкото насилство  и слично.


Според Вас, дали во ваква ситуација децата можат правилно да се развиваат и каков совет би им дале на децата и родителите?


Видете, секоја ситуација си носи свои предности и последици. Секако дека не е исто развивањето на децата во нормални околности и вакви какви што сега имаме. Детството се смета за релативно безгрижно и еден од најубавите периоди во животот. Сепак, непредвидливите ситуации, како што се кризи, пандемии, земјотреси и слично може кај децата , така и кај возрасните да доведат до значителни последици, на пример стрес, но во посериозни ситуации и трауматски реакции. Во однос на возрасните, децата го доживуваат светот поинаку, некои се прилагодуваат побрзо на промените, а некои побавно. На децата можеби првично им е тешко да разберат зошто има промена во нивниот секојдневен живот, но ја чувствуваат атмосферата околу нив. Тие се чувствителни  и ја чувствуваат вознемиреноста и несигурноста на своите родители и најблиски. На децата ќе им помогнеме ако ги покажуваме своите чувства, ако разговараме со нив отворено за тоа што се случило, ако ги поттикнуваме на креативно изразување дали преку цртеж или свирење на некој инструмент или пак пишување, ако ги уважуваме нивните оправдувања дека не се спремни нешто да направат, ако бидеме трпеливи, ако им дозволиме на нашите деца да ги изразуваат своите емоции преку осамостојување и плач, ако им помагаме во задоволувањето на потребата за сигурност и уште многу други начини, методи и техники има кои би можеле да им помогнат на децата или родителите да се справуваат со оваа криза.



Покрај работата како психолог во основно училиште, Вие имате и свое психолошко советувалиште. Како дојдовте до идејата да создадете сопствено советувалиште и која е целта и замислата на истото?


Овде би започнал од крајот со што идејата на советувалиштето во кое повремено работам и замислата на истото беше првенствено во промовирањето на психологијата во југоисточна Македонија, но со текот на работењето и промоциите на  Фејсбук (Facebook) советувалиштето целта ја прошири и кон бесплатното советување на деца и родители, како и закажување за тестирање на психолошка проценка на личноста и невропсихолошка дијагностика. До идејата дојдов со самото завршување на универзитетот и решив да го отворам тоа советувалиште бидејќи во Струмица, а слободно можам да кажам и пошироко, нема ниту едно вакво советувалиште. Покрај советувалиштето работам и како волонтер во Хуманитарното здружение „Христијанско семејство“ каде помагаме на многу семејства во нашиот град и околните села, и како волонтер во непрофитната радио организација „Радио Марија Македонија“ (каде секоја недела гостувам и водам емисии од областа на психологијата).


Што мислите за потребата на психолог во денешно време?


Интересно прашање. Што се однесува за важноста на психологијата во општеството, или психофизичкото и духовното здравје на луѓето, сметам дека се најважниот дел од општеството бидејќи човекот е тродимензионален, односно човекот како битие го сочинува телото, психата (односно душата) и духот. Не може да се има потполност доколку кај кој било дел од овие три сегменти се појавуваат аномалии. Потреба од психолог во денешно време? Па видете, морам да кажам дека ние како психолози најмногу придонесуваме за психата или душата како дел од човековото битие, така помагаме, преку најразлични методи и начини, преку советувања или психотерапија, индивидуално, семејно или групно, но не само кога се појавуваат некои проблеми на психички план, туку и во превенцијата од ментални заболувања, односно помагаме и на начин што преку советувањата кај човекот или психотерапевтскиот процес се превенира да не дојде до некои потешки форми на заболувања или доколку се појават некој бариери, личноста да биде спремна и веднаш да им се спротивстави. Па така од ова може да се заклучи дека клучна е улогата односно потребата од психологот во денешно време.


На Вашиот профил можеме да видиме дека го надградувате Вашето знаење во повеќе психолошки центри, па дали можете да споделите со нас дел од искуствата и сертификатите со кои се имате здобиено?


Така е. Со самото завршување на универзитетот решив дека нема да застанам со моето школување и надоградување од областа на оваа наука. Во повеќе центри и институти имам слушано предавања и посетено обуки и работилници како што се Центарот „Когниција“ при што се здобив со сертификат за невропсихолошка дијагностика; Институтот за логотерапија „Логос“ – примарно ниво ; Центар за хагиотерапија – хагиоасистент, и многу други сертифицирани работилници како што се работилници за медијаторство, кариерен развој, комуникациски вештини, вештини за преговарање, многу обуки од страна на БРО за инклузивното образование, за реализирање на настава, сега сум дел од изготвување на прирачник за психолозите на ниво на целата држава, односно (водич) cookbook за психолози (иницијатива со вклученост на над 50 држави) и слично. Искуството кое што се стекнува една личност со посета на семинари,  вебинари , работилници, обуки или слично е непроценливо, многу интересно, запознаваш нови луѓе, ти се отвораат нови хоризонти, а без разлика дали се работи за напредување во знаењето од областа на психологијата или пак учење на некои нови знаења од областа на други науки.


Како сте задоволни од напредувањето во кариерата и каде се гледате во иднина?


За сега сметам дека солидно напредувам во кариерата, секако секогаш можеме повеќе, но треба да сме задоволни од она што сме го постигнале или во моментот го имаме како поставена цел за сработување. Во иднина се гледам како дел од некој клинички центар како клинички психолог, и морам да признаам како дел од Вашиот Универзитет дали како асистент или пак можеби професор.


10. Дали сметате дека Вашиот избор на Универзитет е еден од важните фактори кои Ви помагаа во градење на Вашата кариера?


Дефинитивно. Морам да признаам дека Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“, сите вработени во универзитетот, асистентите и секако професорите кои неуморно ја даваа својата поддршка за нас студентите, беа клучниот фактор да продолжам напред во градењето на сопствената кариера. Место каде освен во знаењата, доживувате поддршка во секој сегмент од секојдневието. Сите ви стојат на располагање и ги потврдуваат вашите замисли за тоа како сте замислувале дека би ви било на тој универзитет со самото започнување на студиите.


За крај, што би им препорачале на нашите студенти и читатели?


На студентите, а воедно и на читателите би им препорачал да останат во добро здравје, амбициозноста да им биде на највисоко ниво, да не потклекнуваат во тешките животни моменти, да не ја губат надежта, да гледаат на секојдневните предизвици позитивно, безрезервно и неуморно да ја бараат смислата во овој свет којшто навидум изгледа бесмислен.


Интервјуто го направи: Маја Маријана Панајотова

Ви благодариме!