Aлина и Сергеј од Липецк, Русија, на студентска размена на Славјански

Двајца студенти од МСУ на студентска размена во Липецк, Русија
16 октомври 2019
Претседателот на Сенатот на МСУ на конференција во Белград на тема „Европската безбедност на крстосницата на мултилатерализмот и унилатерализмот“
25 октомври 2019

Aлина и Сергеј од Липецк, Русија, на студентска размена на Славјански

Алина Сазонова (18) и Сергеј Марков (19) се студенти на втора година на Факултетот за информатика на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе. Дојдени се од градот Липецк, Русија, по системот на размена на студенти. Во Свети Николе се дојдени пред неполн месец.

-Да бидеме искрени пред да дојдеме тука за Македонија не знаевме ништо. Сепак донесовме одлука да дојдеме на Славјански, да ја запознаеме земјата, да видиме какви професори ќе не упатуваат во тајните на информатичките науки, зашто прва година завршивме на соодветен факултет во Липецк. Во овие наши дваесеттина „македонски денови“ осознавме две многу важни нешта: дека Македонците се најтоплиот народ на светот и дека на Славјански има професори кои даваат одлично знаење на своите студенти. Тие два аспекти за почеток ни се сосема доволни да ги засакаме Македонија, Свети Николе, Славјански и професорите кои ни предаваат, ни рекоа Алина и Сергеј.



Тие се импресионирани од опременоста на предавалните, од најновата информатичка технолигија на нивниот факултет. Но, на кој јазик младите Руси ја следат наставата? Знаат ли нешто од нашиот – македонски јазик?

-На Славјански професорите предаваат на македонски, но има професори кои одлично го владеат рускиот јазик, а кога е неопходно учиме и на англиски, велат Алина и Сергеј.

Липецк е град со над 1,3 милиони жители. Ги прашуваме како е тоа од толку голем град да се дојде во место кое има околу 20.000 жители?

-За нас тоа не е проблем. Да, Свети Николе е мало место, посебно во однос на Липецк, но овде луѓето се исполнети со неверојатна добрина, има една топлина, една човечност во нив каква што на друго место немаме сретнато. Сите во Свети Николе сакат да ни помогнат, да не упатат, да ни направат муабет… Така некако го учиме и милозвучниот македонски јазик, посочуваат Сергеј и Алина.



Во овие дваесеттина дена тие биле и во Скопје и во Велес. Додека се тука сакаат што повеќе да видат од убавините на нашата држава, онолку колку тоа ќе им го дозволи времето

-Нам тука многу ни се допадна и храната. Насекаде се готват превкусни јадења. На крајот би сакале да се заблагодариме на Државниот педагошки универзитет во Липецк што ни овозможи да дојдеме тука, да доживееме и со нас да понесеме драгоцено искуство од нашиот престој на Слајански, во Свети Николе и во убавата Македонија, порачаа младите Алина и Сергеј.

Преземено од istokpress.mk.