Пожарникарите од Македонија, студентите од Факултетот за безбедносно инженерство при МСУ и претставници од Дирекцијата за заштита и спасување во саботата, на 10-ти мај, учествуваа на тркалезната маса на тема „Организација, тактика на гаснење пожар на високи објекти и однесувањето на пожарникарите“, која се одржа во МСУ – Св. Николе.
Целта на оваа тркалезна маса беше да се овозможи едукација на стручни лица за организација, тактика, однесување и безбедност од пожари. Беа презентирани научни, технички и практични случувања од командирот на ППЕ во Велика Британија, Рој Бараклој, и проф. д-р Драган Карабасил од Високата техничка школа за стручни студии од Нови Сад.
„Она што е најважно, станарите во чија зграда избил пожар е да останат присебни. Ако можат треба да се вклучат во гасење, а доколку не, треба веднаш да се оддалечат од опожарениот објект. Пожарникарите во Македонија и регионот се обучени, но за да влезат во објект каде има пожар и температура од 1100 степени потребна им е соодветна опрема. Една скала со должина од 44 метри чини 750 илјади евра“ рече проф. д-р Карабасил. Toj нагласи дека исто така голем проблем за брзо гасење и на помал пожар е тоа што речиси сите хидранти во зградите се оштетени, а противпожарните црева од нив украдени.
Деканот на Факултетот за безбедносно инженерство, проф. д-р Александар Гроздановски, нагласи дека интересот за студирање на овој факултет постојано се зголемува, бидејќи ова е прв и единствен факултет од ваков тип во Македонија.