Студентите на Меѓународен Славјански Универзитет во Битола присуствуваа на информативна презентација за Европас и Еврогајденс, водена од Кристијан Саламовски, амбасадор на овие програми при Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Презентацијата ги истакна придобивките од Европас профилот како клучен фактор за зголемување на конкурентноста на пазарот на труд. Студентите добија практични совети за тоа како да создадат CV кое се издвојува, со цел да ги зголемат своите шанси при аплицирање за различни работни и академски програми.
Дополнително, беа претставени програмите за студентска мобилност Еразмус+ и CEEPUS, кои нудат можност за студирање на универзитети низ Европа и пошироко. Се нагласија предностите од ваквите искуства за личниот и професионалниот развој на студентите.
Презентацијата опфати и информации за платформата EURES, која овозможува студентите да бараат можности за вработување во ЕУ, Швајцарија, Исланд, Норвешка и Лихтенштајн. Меѓународен Славјански Универзитет продолжува да ги поддржува своите студенти со вакви иницијативи, овозможувајќи им да се информираат и да се подготват за идни успеси на меѓународниот пазар на труд.