Одлуката за наградата, што ја доделуваат Друштвото на писателите на Македонија и Славјанскиот универзитет „Гаврило Романович Державин“ од Свети Николе, едногласно ја донесе комисијата во состав: Иван Чаповски (претседател), Стојан Тарапуза и Паскал Гилевски.
Жирито оценува дека новата поетска книга на Василе Димески се одликува со кохерентност и постапност во развивањето на епската слика, со што во својата интегралност таа се прима како поема со тревожни акценти на соочувањето со драмата на постоењето и подвигот да се остане над таквата ситуација.
„Стихозбирката ’Ноќва душава си ја изедов‘ од Василе Димески освојува со својата енергија и импулсивност, со свежината на кажувањето и со својата оригиналност како поетски проект. Станува збор за книга мудра, длабока и едноставна“, стои во одлуката за доделување на наградата „Державин“.
Свеченото врачување на наградата „Державин“ на Василе Димески ќе се одржи во Битола на 12 октомври, во организација на ДПМ и на Славјанскиот универзитет „Гаврило Романович Державин“, кој е донатор на паричниот износ за ова признание.
Василе Димески, годинава одбележа 70-годишен животен јубилеј и 50 години творечка дејност. Автор е на 14 поетски книги, кои имаат свое место во поновите текови на современата македонска поезија. Живее и создава во Прилеп, соопшти Друштвото на писателите на Македонија.