Младинска размена во Романија за проектот “Tolerance and Harmony Through Film and Photography“
23 август 2021МСУ додели стипендии за три ракометарки од ЖРК Славјански Универзитет
26 август 2021Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“ за првпат на овие простори воведува курс насловен „Латински јазик за правници“, кој може да го слушаат и да го изучуваат не само студентите на факултетите за правни науки и правници воопшто, туку сите што се заинтересирани да ја совладаат правната терминологија со која речиси секојдневно се сретнуваме.
Општи информации за курсот
Курсот се состои од два дела кои ќе се реализираат во двата семестри во тековната академска година (2021/2022).
Секој дел опфаќа по 28 предавања, кои ќе се реализираат двапати неделно во траење од 60 минути. Предавањата ќе се реализираат секој вторник и четврток со почеток од 18:30 часот.
Првото предавање ќе се одржи на 19 октомври.
Предавањата ќе се одвиваат преку платформата ZOOM.
Слушателите кои ќе го положат тестот на крајот од секој дел на курсот ќе добијат сертификат издаден од Меѓународниот Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ за познавање на латинската правна терминологија, односно диплома за завршен курс.
Што нудиме?
Пред сè запознавање со правната терминологија преку запознавање на контекстот во кој се појавува, што значи основни запознавања со контекстот на Римското право и римската правна култура.
Предавањата ќе бидат на македонски јазик со објаснување и на англиски јазик, така што курсот лесно ќе можат да го следат и заинтересирани слушатели од соседните земји (Србија, Бугарија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија) и пошироко.
Предавањата ќе ги држи проф. д-р Даниела Тошева, дипломиран класичен филолог, која има преведено значајна литература од латински и од старогрчки јазик што се однесува на римското право.
Овој курс овозможува запознавање со (правната) терминологија пред сè, која потекнува од латинскиот јазик (латинизми), како и со латинските изрази (изрази кои се употребуваат во својата автентична форма) кои сè уште се користат и во правото, но и во други области од нашето живеење.
Имено, слушателот ќе се увери дека не станува збор за „мртов“ јазик, туку јазик кој сè уште се користи во современите јазици и служи за образување нови термини, особено во науката. Покрај ова, курсот овозможува основна комуникација на латински јазик, која не е обременета со граматика, а овозможува полесно совладување на содржините кои се наведени, според програмата на Кембриџ (се следи животот на семејството на Цецилиј, чиј дом е пронајден во урнатините на Помпеи). Курсот ќе го оспособи слушателот не само да ја употребува латинската терминологија и латинските изрази, туку да ги употребува соодветно.
Всушност, целта е практична. Затоа, не е предвидено содржините да се учат таксативно, туку суштински, преку запознавање на контекстот во кој се појавува одреден израз, што подразбира запознавање на контекстот на Римското право и на римската култура пошироко, која е основа на современата европска култура. Тој начин на учење овозможува лесно паметење на терминологијата и примена во различни ситуации.
Предвидените изрази и латинизми се поделени во неколку теми, кои се однесуваат на
- Семејството (domus Romana). Тука се опфатени сите латинизми што произлегуваат и од зборот domus, но и изразите што се однесуваат на семејното право.
- Деликтите и судската терминологија. Особено внимание се посветува на Законот на дванаесет таблици, во кој за првпат се изнесени деликтите и некои фрази што сè уште се актуелни.
- Нотаријатот и документите. Особено развиена пракса во римската империја, во која влегуваат термини од грчкиот јазик и какви такви се користат и денес.
- Облигационото право.
- Наследување.
- Правната реторика.
- Јуристичката литература и формирањето на терминологијата.
Во рамките на секоја тема, освен запознaвање со контекстот и вежбите за правилна употреба на латинизмите и фразите, предвидено е да се следи латинскиот јазик преку семејството на Цецилиј, што овозможува базично запознавање со латинскиот.
Литература:
- Станојевић, Обрад, Милена Јовановић. Латински за правнике. Београд, 2004.
- Romac, Ante. Latinske pravne izreke. Globus, Zagreb, 1982.
- Lazar, Emanuel. Latin for Lawyers: The Language of the Law.
- Cambridge Latin Course: Book I. Cambridge University Press, 2002.
- Liber Latinus I: латински јазик почетно изучување, Алби 2012.
*Наведената литература не е задолжителна. Прилагодените содржини што ќе се работат, ќе им бидат достапни на слушателите по секој час.
Некои од материјалите ќе бидат достапни во електронска верзија.
Финансиски услови
Курсот чини 6000 денари од семестар. Уплатата може да се направи онлајн на нашата веб страница.
Кликнете овде за да уплатите онлајн за првиот дел од курсот. Ќе бидете пренасочени кон веб страницата на нашиот Конференциски центар каде безбедно можете да ја направите уплатата за курсот.
Како да се пријавите?
За да се пријавите, Ве молиме пополнете ја следнава апликација: