Промоцијата на книгата „Големо во мало – Антологија на современиот руски афоризам“ од Александар Чотриќ (Србија) се одржа на 21 јануари, во 12:45 часот во просториите на Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ во Свети Николе пред ограничен број на публика, согласно ковид протоколите.
На настанот присуствуваше и свое обраќање имаше и Амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија, Н.Е. Сергеј Баздникин.
Авторот, иако не можеше да присуствува на промоцијата, испрати свое видео обраќање кое беше прикажано пред присутните. Промотори на книгата беа д-р Јордан Ѓорчев, претсетадел на управен одбор на МСУ, Васил Толевски и Миле Георгиевски.
Александар Чотриќ е член на Здружението на писателите на Србија, добитник на многу награди и признанија, а неговите приказни и афоризми се преведени на англиски, полски, германски, француски, словенечки, унгарски, романски, шпански, македонски, руски, белоруски, албански, словачки, шведски, грчки, бугарски, лешки, русински, италијански, португалски, ерменски, каталонски, баскијски, турски, свахили и арапски јазик.
„Големо во мало – Антологија на современиот руски афоризам“ е во издание на нашата издавачка куќа, Меѓународен центар за славјанска просвета.
Целта на оваа антологија е на љубителите на кратката форма во регионот да им го приближи рускиот афоризам од 20 и 21-виот век. Сите застапени автори не се Руси, и сите не живеат во Русија, ама сите пишуваат на руски јазик, што покрај литературната вредност, беше предуслов авторот да биде застапен во овој избор.