Декан

проф. д-р Иван Ефремовски, декан

Почитувани студенти,

Основната цел на Факултетот за правни науки е обезбедување образование на студентите кои на компаративен и интердисциплинарен пристап ќе стекнат теоретски и практични основи за македонското право и правото на ЕУ, а воедно и за нивните релевантни правни системи. Стекнатите апликативни знаења и системското разбирање на правните рамки ќе водат до подигнување на нивото за критичкото размислување; кон зголемена мотивација за академска анализа и истражување и совладување на процесот на академското пишување преку поставување на јасни аргументи, нивна правилна презентација, и секако, развој на комуникациските вештини.

Студирањето на Факултетот за правни науки, кое во согласност со концептот за модерното високо образование, води кон крајната цел: создавање кадар  кој  преку совладување не само на теоретските знаења, туку и со усвојување на техниките применливи во правната пракса ќе овозможи да се профилира кадар кој ќе се стекне со вештини и компетенции за работа во  сферата  на  извршната, законодавната и судската власт, адвокатурата  и  нотаријатот, во разни владини и невладини организации, за работа во претпријатија  и  компании,  како  и  во  многу  други  национални,  регионални  и меѓународни асоцијации и организации.

На Факултетот за правни науки процесот на студирање на додипломски студии се организира на следниве насоки: Административно право и јавна администрација; Граѓанско право; Казнено право, Меѓународно право, Право на ЕУ и дипломатија и Финансии и деловно право. Студиските програми за правни студии од втор циклус (постдипломски студии) се со траење од една години, односно 2 семестри и според видот на програмата се вреднуваат како постдипломски студиски програми, а студиите имаат карактер на постдипломски магистерски студии. Студентот по завршувањето на двата циклуса студии и со стекнувањето на 300 ЕКТС кредити и со одбраната на магистерскиот труд, добива диплома и се стекнува со назив „магистер на правни науки“.

Почитувани студенти, идни колеги – правници, вие сега сте присутни во средина исполнета со ентузијазам, знаење и креативност, во средина во која вашиот талент ќе дојде до израз, во институција исполнета со позитивни вредности и наставен кадар чиј мотив и цел се: помогни му на студентот, дај му можност, користи го неговиот ентузијазам, креативност и критичко мислење, надоградувај го неговиот талент, почитувај го неговото мислење, поттикнувај го лидерството кај него, развивај  и негувај ги етичките и моралните вредности. Почитувани студенти, вашиот успех во исто време е и наш успех, успех на нашиот наставен кадар.

На крај, ќе упатам една мотивациска порака до вас:

…Имајте оптимизам, истрајност, упорност, бидете посветени и фокусирани на вашето образование кое води кон крајната цел – успехот. Бидете одговорни зашто одговорноста е вредност и карактеристика на добрите, чесни, способни и квалитетни луѓе.

Ви посакувам среќа и успех во процесот на студирање!


CAPTCHA image