Започна со работа Киноверзум во Велес

Нашата студентка Ирена Маџгаљ ја доби наградата за најдобар студент на Општина Бијело Поље, Црна Гора
3 јануари 2023
24 јануари – Меѓународен ден на образованието
24 јануари 2023

Започна со работа Киноверзум во Велес

На 19 јануари со филмот „Аватар: Патот на водата“ во Велес започна со работа Киноверзум, единствениот македонски ланец на кина. Американскиот филм „Вавилон” со Бред Пит и Марго Роби беше прикажан истата вечер од 21:30. На првата проекција присуствуваше и градоначалникот на Општина Велес, г-дин Марко Колев.

Со отворањето на Киноверзум велешани по речиси 18 години повторно имаат градско кино кое ќе работи секој ден – од понеделник до недела. Предвидени се најмалку 2 проекции дневно во работните денови, а за викендите 5 до 6 проекции, зависно од времетраењето на филмовите.



Во првата недела ќе се прикажуваат „Кајмак“ на Милчо Манчевски, трилерот „М3ган”, биографскиот филм за Витни Хјустон „Сакам да танцувам со некого“, а најмалите може да ги погледнат „Неверојатниот Морис”, „Кашеј: крадец на невести“ и „Авантурите на Финик“. Репертоарот за оваа филмска недела можете да го погледнете овде: https://kinoverzum.mk/nedelna-programa/.

Киноверзум постои веќе три години како единствено универзитетско кино во земјава. Во овие три години во Киноверзум беа прикажани над 200 филмови со речиси 2000 реализирани проекции.

Киноверзум во моментов работи на приспособување на кино сала во Штип со капацитет од околу 100 места. За салата во Штип е предвидена најсовремена кино опрема и ласерски проектор од најновата генерација на проектори. Со три кино сали Киноверзум ги доближува европските и холивудските филмови до публиката од Вардарскиот и Источниот Регион.