Оригинален модел на активно менторство за подобро образование
Од академската 2016/17 година на сите факултети на Меѓународен Славјански Универзитет започна да функционира оригиналниот универзитетски систем на активно менторство. Земајќи ги во предвид резултатите од досегашните истражувања, системот за активно менторство го подобрува академскиот и професионалниот живот на студентите, со тоа што им пружа поддршка за остварување на нивните цели во текот на студиите.
Според резултатите од истражувањата, системот има многу предности и позитивно се одразува кај студентите и нивните ментори, бидејќи делува двонасочно. Студентите ја добиваат поддршката што им треба, а менторите ги забележуваат позитивните и негативните влијанија на моменталниот образовен систем.
Моделот на активно менторство секојдневно се усовршува и останува фокусиран на идејата за мотивирање на студентите да ги остваруваат своите амбиции. Понекогаш сè што им треба е некој да ги насочи или да ги потсети кои се нивните вредности и колку можат да постигнат, а токму тоа е задачата на менторот.
Менторот Ви помага да се насочите
Центарот за кариера на Меѓународен Славјански Универзитет е постојано на располагање за сите прашања на студентите. Наша цел е на сите студенти да им овозможиме пријатна атмосфера која ќе им помогне да го остварат својот академски потенцијал.
Од тие причини преку Центарот за кариера веднаш после запишувањето на факултет Ви е распределен ментор кој Ве води низ студиите. Менторството е систем во кој професорите и асистентите влегуваат во улога на Ваши водичи во текот на студирањето, слично на класен раководител, но подобро.
Менторот со Вас го споделува своето знаење и искуство и Ви помага да напредувате во својата кариера. Тој е секогаш достапен за Вас и ја нуди својата помош кога и да има потреба. Ве информира за сè што Ве интересира во однос на студиите и студирањето, и Ви помага да ги надминете сите проблеми со кои ќе се соочите во текот на студиите.
Менторството е повеќе од само советување или пренесување на искуство. Тоа претставува мотивирање и стимулирање на студентот за препознавање на неговите сопствени потенцијали и цели и нивно остварување. Менторот нема да дојде до целта наместо студентот, но ќе му помогне и ќе го научи како да дојде до неа.
Кои се придобивките за студентите?
Со системот на активно менторство студентите можат да ги оформат и постигнат своите цели побрзо и поефективно отколку да работат сами. Имајќи пристап до искуството и советите од менторите, студентите ќе може да ги предвидуваат позитивните и негативните карактеристики од определени постапки и да донесуваат заклучоци полесно.
Менторот ќе Ви помогне да согледате каде се наоѓате сега, каде сакате да бидете и како да стигнете до таму. Ќе укаже на потребните промени за совладување на дадени препреки со цел да го подобри Вашиот професионален развој.
Како да препознаете добар ментор?
Менторството е двонасочна патека. Менторите можат многу да научат од студентите со кои работат и посветеноста и колегијалноста се најважните карактеристики на менторот. Менторот го охрабрува својот студент, му дава совети и го бодри да оди напред кон поголеми успеси и достигнувања.
Лицата кои се назначени како ментори сакаат да им помагаат на другите да ги остварат своите потенцијали. Во нив може да имате доверба – тие ќе Ве сослушаат и ќе Ви помогнат да ги определите работите кои ги правите правилно и работите кои можеби треба да се променат.
Модел на менторство
На почетокот на годината Центарот за кариера при Меѓународен Славјански Универзитет Ви доделува ментор. На почетокот менторот ќе Ви помогне да се запознаете со универзитетот, правилата и условите за студирање, начинот на информирање и „преживување“ на првиот семестар. За сите нејасни работи можете да му се обратите нему.
Менторот може да Ви дава совети за избирање на изборни предмети, теми за проектни активности, учество на семинари, конференции, проекти. Доколку менторот смета дека ќе биде корисно за Вас и Вашата кариера, може да Ви предложи и пракса во определена компанија, искуство во студентска размена или меѓународен проект.
Со следењето на советите на искусниот ментор ќе можете да ги развиете Вашите силни страни и потенцијал, подобро да ги идентификувате Вашите потреби и вредности и да определите што е важно за Вас и Вашата кариера. Сè зависи од тоа што сакате да постигнете и колку енергија сте подготвени да вложите во остварувањето на Вашите цели.