Проф. д-р Габриела Крстевска декан
Обраќање од деканот
Драги студенти, Факултетот за економија и организација на претприемништвото при Меѓународен Славјански Универзитет во Свети Николе и Битола е институција која преку своето постоење во континуитет создава традиција во образованието на економисти. Во последните години се соочуваме со невидена економска стагнација на глобално ниво, меѓународни еколошки прашања како што се климатските абнормалности, променлива социјална структура која е резултат на брзите иновации во ИТ-технологиите... Социо-економските промени се случуваат на ниво што досега не сме го доживеале. Очекувам дека вие како наши студенти ќе ги искористите стекнатите вештини и знаење од студирањето и ќе ги усовршите своите индивидуални таленти на едно ново повисоко ниво за да тргнете на бурното патување кон исполнување на вашата лична улога и мисија во овој денешен променлив свет. Нашиот факултет е ориентиран кон студентот, неговите потреби и очекувања. За таа цел обезбедуваме оптимални услови за учење, истражување, пракса и ангажирање на идните дипломци. Заедничка цел ни е да создадеме лидери во областа на економијата и бизнис менаџментот кои ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот и способни да решаваат сложени економски и деловни проблеми. Посветени сме на извонредност, и соодветно на тоа се стремиме кон постојана иновација како во однос на програмите што ги спроведуваме, така и во однос на методите на работа. Постојано ги следиме современите трендови на развој, посветувајќи му посебно значајно место на развојот на високото образование според најактуелните светски практики. Одлуката да го продолжите вашето образование на академска студиска програма е секако една од најзначајните и најважните во вашиот живот. Посветеноста кон оваа ваша одлука, ќе ве смести во елитата на општеството, бидејќи нашите дипломци и магистри, се најквалитетни кадри од областа на економијата и менаџментот во нашиот регион и пошироко. Со диплома од Факултетот за економија и организација на претприемништво, имате можност да направите одличен избор во развојот на вашата професионална кариера, стекнувајќи го најдоброто знаење и компетеции, совладувајќи ги најважните вештини. Со тоа ќе ја отворите вратата за успешна потрага и изнаоѓање на професионален ангажман каков што сте посакувале. Со нетрпение очекуваме да учествуваме во вашиот образовен процес, што како краен резултат ќе биде отелотворен во стекнати компетенции, вештини и знаење неопходни за вашето идно вработување, како и во развиен академски пристап кон размислување во однос на севкупниот развој на општеството. Само општество со образовани членови силно чекори кон посветла иднина. Да чекориме заедно!