По повод 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Факултетот за психологија при Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ во соработка со ОУ „Св. Климент Охридски “и Лајонс клубот Кабадаја од Битола организираа работилница со учениците од прво одделение на која професорката доц. д-р Горица Поповска Налевска ги запозна најмалите ученици со светот на различностите и посебностите на децата со попреченост.
На работилницата преку читање и дискусија на едицијата сликовници „Децата го менуваат светот“ чиј автор е професорката Горица учениците на сликовит, креативен и конструктивен начин беа воведени во структурата и главната идеја на сликовниците чии главни ликови се деца со различни попречености. Едицијата „Децата го менуваат светот“ составена од 7 сликовници, праќаат силна порака за децата која е со поучен карактер од аспект на развивање на морални вредности, емпатија и алтруизам.
Децата преку овие приказни ќе дознаат за значењето на различностите, другарството и почитувањето, да покажат трпение, љубезност и да се однесуваат со почит кон другите, истакна професорката. Своите впечатоци учениците ги претставија на цртежи од кои се подготви ликовна изложба во ОУ „Св. Климент Охридски “.