Интервју со параглајдеристот Борјан Јовановски

На МСУ промовирана книгата „Основи на WEB технологии“ од проф. д-р Хаџиб Салкиќ
21 јуни 2019
Доделени сертификатите на учесниците на обуките за Европско финансирање и Европски програми
29 јуни 2019

Интервју со параглајдеристот Борјан Јовановски



Со задоволство Ви го претставуваме интервјуто со параглајдеристот и нашиот дипломиран студент Борјан Јовановски, преку кое ќе може да прочитате за тоа каков спорт е параглајдингот.



 

Колку време се занимаваш со параглајдерство?

Со параглајдерство се занимавам десет години, поточно од мои четиринаесет години.


Што те поттикна да се занимаваш со овој спорт ?

Со овој спорт исто така се занимават мојот татко и мојот брат, па како мал гледајќи ги нив како уживаат во небесните висини, достигнувањето на одлични резултати, доведе да се појави желба и јас да пробам да летам. Мојот прв лет во тандем го направив на шест години заедно со мојот татко, а воедно и инструктор.


На колку натпревари имаш учествувано и колку награди имаш добиено до сега?

До сега имам учествувано на повеќе од шеесет натпревари, а на повеќе од половината сум бил на пиедестал.


Во која категорија се натпреваруваш и кој е твојот моментален пласман?

За разлика од другите спортови, во параглајдерството нема возрасни категории, сите натпреварувачи се натпреваруваат заедно во иста категорија и оние повозрасните и оние помладите заедно.
Во параглајдерството постојат неколку дисциплини и тоа:
– прецизно слетување
– прелети
– акробации
– моторно летање.
Јас се натпреварувам во првите две дисциплини, прецизно слетување и прелети.
Мојот моментален пласман е трето место на светската ранг листа.


Какви имресии имаш од последниот натпревар?

Последниот натпревар беше Европскиот куп во Романија, временските услови беа доста тешки поради термиката и промената на правецот на ветер, каде го освоив второто место. За мене тоа беше искуство на нов терен, со доста голема конкуренција, а воедно сум задоволен и од резултатот.


Какво е чувството да се лета?

Хмм…едно од најпоставуваните прашања е тоа „Какво е чувството да се лета?“
Нема зборови со кои може да се опише, но ете фактот за тоа дека „летањето е човековиот сон“ бар малку може да долови од чувството и значењето да се лета.



 

Кои се предусловите за еден млад човек да почне да се занимава со параглајдерство?

Да има полни шеснаесет години и да е во добра психо-физичка состојба.


Како МСУ ти помогна да ја живееш својата визија?

За успешноста на еден спортист е битна желбата за успех, тренингот, опремата, финансиската поддршка.
МСУ ми помогна со снабдување на нова опрема за параглајдинг, со која што опрема последователно се остварија голем број на одлични резултати, пиедестали на светски, европски купови, балкански првенства.


Каде се гледаш во иднина?

Во иднина се гледам како спортист кој ќе го достигне врвот на Светската ранг листа и како инструктор на многу нови ученици за параглајдинг особено од нашата земја. А покрај тоа и како магистер по Економски науки со соодветно работно место.


Што ќе им порачаш на помладите кои сакаат да се занимаваат со параглајдерство?

Секако, да пробаат параглајдинг, а тоа најлесно можат да го направат со тандем лет.



                                                                                                Ви благодариме!