24 мај 2024 година беше значаен ден за сите нас на Меѓународен Славјански Универзитет. Ректорката проф. д-р Ленче Петреска и деканите на нашите четири факултети свечено ги врачија дипломите на дипломците и магистрите во Свети Николе. Свеченоста се одржа во Mayberry Highway, дел од кампусот на МСУ во Свети Николе.
Во прекрасна атмосфера, заедно со студентите се потсетивме на нашиот заеднички раст, тимската работа и поддршката од нивните семејства. Како универзитет се гордееме со нашите студенти и нивните достигнувања. Тие се дел од големото семејство на Меѓународен Славјански Универзитет и без нив не би биле една од најуспешните приватни високоoбразовни институции во земјава.
Со поздравен говор се обрати и основачот на Меѓународен Славјански Универзитет, проф. д-р Јордан Ѓорчев, а модератор на настанот беше актерот и наш студент, Марјан Ѓорѓиевски. Свечената церемонија продолжи со врачувањето на дипломите, а на крајот, дипломците и нивните најблиски уживаа во традиционалното фрлање на капите и групното фотографирање. Меѓународен Славјански Универзитет постои веќе 20 години, располага со два кампуси и е втор дом на повеќе од 2000 студенти.
„Патувањето не завршува тука. Тоа е само почеток на ново поглавје исполнето со непознати работи, нови авантури и неограничени можности. Искористете го знаењето што го стекнавте за да направите позитивно влијание во нашите заедници и пошироко“, истакна модераторот, поздравувајќи ги дипломците и посакувајќи им успех во иднина.