Успешно се одржа онлајн работилницата „Мартинки – изработка и традиција“

Факултетот за психологија на Меѓународниот Славјански Универзитет се приклучи во кампањата „Ги запознаваме ретките болести“
26 февруари 2021
Конкурс за средношколски есеи – 2021
2 март 2021

Успешно се одржа онлајн работилницата „Мартинки – изработка и традиција“

Онлајн работилницата посветена на мартинките, начинот на изработка и традицијата успешно се одржа на 1-ви март со почеток од 19:00 часот. На настанот имаше вкупно 335 учесници кои следеа како се изработуваат мартинки, научија нешто повеќе за традицијата, но и споделија нивни искуства.

Настанот го водеше Соња Ризоска Јовановска, директор на Институтот за култура и уметност при Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“, а се вклучија и поетесата Ана Бунтеска, професорката Татјана Алексиќ, писателката Слаѓана Ставрева и професорот Мирослав Пендаровски.

• „Кои се чуварите на традицијата?“ проф. д-р Соња Ризоска Јовановска, директор на Институтот за култура и уметност при Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“.



• Низ нишките на поезијата на Ана, сите ја дишеме љубовта – поетесата, Ана Бунтеска.



• „Ехото на традицијата низ литературата“, Татјана Алексиќ, професор по македонски јазик.



• „Традицијата во мозаикот на калдрмата“, Слаѓана Ставрева, долгогодишен писател (проза и поезија)



• „Плетење на душата“, проф. д-р. Мирослав Пендаровски, професор на Факултетот за психологија при МСУ.



Со мартинките подаривме љубов кон традицијата, кон луѓето, кон книгите, кон творците на литературните дела, кон сите оние кои се почитувачи на човечките вредности…

Сите учесници на настанот можеа да учествуваат во уметничкиот Giveaway, со означување на Инстаграм профилот на МСУ (@slavjanskiuniverzitet) на нивна проказна (story). Победниците ќе бидат контактирани во тек на денешниот ден и ќе бидат доделени вкупно 25 награди.



Главната цел на настанот беше да се отвори дискусија за значењето традицијата и нејзиното пренесување на генерациите во нејзината оригиналност и во услови на одредени кризи.

Се потсетивме на еден значаен празник во календарскиот циклус, со сите негови атрибути на создавање, прославување, негување, зачувување, во контекст на етнолошкото, антрополошкото и психолошкото значење. Станува збор за 1-ви март, Летник, денот кога во верувањата на многу култури е ден кога може да очекуваме сè и сешто, и добро и лошо, и сонце и снег, но и денови на прочистување на „душата“. Луѓето во обидот да се заштитат создале традиција со изработка на „мартинки“ од црвен и бел конец со уверување дека на тој начин ќе се заштитат од лошите сили во годината што доаѓа.

Симболика на мартинката како особено културно облежје претставува дар за секого на кого му посакуваме здравје, среќа, бериќет, а белата и црвената боја ја потенцираат радоста, вербата во животот, чистотата и надежта кои се многу значајни одлики за опстојување на човештвото.

Културните обичаи поврзани со прославувањето на 1 март – Мартинки станаа дел и од светското нематеријално културно наследство и се впишаа во репрезентативната листа на УНЕСКО од пред неколку години.

Сите кои беа на настанот, без разлика на генерацијата и од каде доаѓаат вчера барем за миг станаа ЧУВАРИ НА ТРАДИЦИЈАТА. Им благодариме на сите кои ни се придружија и им благодариме на сите за убавите коментари за настанот. Споделуваме и дел од коментарите:

  • „Нешто толку малечко и навидум безначајно како мартинката носи толку слоеви на значење! Чудесна дружба! Ви благодарам.“ – Наташа
  • „Вечерва во прекрасното друштво на овие уште попрекрасни почитувани ликови, беше едно вистинско „прочистување на душата“. Голема благодарност“ – Јулија
  • „Никогаш доволно од позитивни луѓе и мисли како вас. Вашата енергија и е потребна на народот. Вашата енергија и е потребна на народот. Не престанувајте да творите и да споделувате. Поздрав од Виена и секое добро.“ – Марина

На настанот учество земаа и Атиџе Муратова и Сузана Турунџиева.