Студентски блог: Во овој машки свет, биди горда што си жена – Симона Јовановска

Рекордни 377 учесници на 6-тиот дел од вечерните дискусии на теми од психологијата со доц. д-р Ана Чучкова
25 февруари 2021
Факултетот за психологија на Меѓународниот Славјански Универзитет се приклучи во кампањата „Ги запознаваме ретките болести“
26 февруари 2021

Студентски блог: Во овој машки свет, биди горда што си жена – Симона Јовановска


Во овој машки свет, биди горда што си жена


 од Студентски блог – студентски размислувања


„Таа.  Тое е прво лице еднина.  Тоа е заменка што ништо не може да ја замени“.

  – Ѓорѓе Балашевиќ

Пишува: Симона Јовановска, студент на Факултетот за психологија при МСУ

 

Да се навратиме на времето кога се создавал светот.  Шестиот ден бил ден за создавање на човекот. Така, Бог одлучил да склопи коски и месо и да создаде од нив човек – маж и го крстил Адам. Кога Адам бил создаден, бил сам. Немал придружба. Од таа причина, Бог зел едно ребро од неговиот колк и створил жена, која ја крстил Ева, така што секоја создадена појава си имала свој пар – денот со ноќта, сонцето со месечината, дрвото со плодот, па сега и мажот со жената.

„Жената настанала од машкото ребро, а не од неговите стапала за да се гази по неа. Не од неговата глава за да се владее со неа, туку од колкот за да му биде еднаква. Под рацете за да биде заштитена и покрај срцето за да биде сакана“.

– Талмуд

За жал, оваа изрека била често погазувана низ историјата, а жената не била еднакво третирана на мажот.  Пример, на чело на државите, тогашни монархии, стоеле само мажи. Жени го земале тронот само ако немало маж заменик кој би го зел тронот на владетелот. На валутите биле ставени само мажи. Познати филозофи, архитекти, математичари, уметници и останати од било која област биле само мажи. Главата на фамилијата бил само маж, никако жена – освен ако немало маж во фамилијата.

А жените? Каде се тие? Тие биле само слугинки и мајки за да ги сметаат за чесни! Ако во тоа време некоја жена била владетел, или станала бидејќи немало машка замена, или бидејќи луѓето разгласувале дека спиела со некој маж од кралската фамилија за да дојде до тронот – за да и го загрозат достоинството и да не се осмели да стапне на тронот. Ако тогаш некоја жена се обидела да создаде свое достигнување во некое поле, се сметала за безделничка која немала што друго да прави. Жена да била ставена на валута? Шансите биле помали од 0. Што и да се случило, жените немале моќ и право врз себе.

За жал, и денеска не е нешто поразлично… до одреден степен. Изгледа Клара Цеткин и Роза Луксембург со нивните следбенички не биле доволно слушнати и разбрани. Во денешно време жената може да направи големи достигнувања. Да, може да е независна. Може да стои на чело на државата, за тоа е доказ Кралицата Елизабета. Но, се’ уште се тука двојните аршини.

Ако жена има повеќе партнери е сметана за лице без морал. Ако маж има повеќе партнерки е сметан за миленик на жените.

Ако жена одлучи да не основа своја фамилија, таа е стара мома. А пак ако одлучи да основа своја фамилија, таа е жена без цел. Ако маж одлучи да не основа своја фамилија, тој е посветен работник во својата професија. А пак ако одлучи да основа своја фамилија, тој е фамилијарен човек.

Ако жена оди во кафана, таа е скитничка. Ако маж оди во кафана, тој е боем.

Или еве, двојни аршини кои парираат на скандалот „Јавна соба“ што ги стресе порталите и целата наша јавност периодов. Ако жена објави фотографии од нејзиното тело во бикини или било каква провокативна фотографија, таа е проститутка/ороспија/*да не кажам што*. Ако маж го направи тоа, тој е голем фраер. Ако жената е сексуално вознемирена – „па сама си го барала де, зошто така се облекла“, а мажот пак, е само кутар човек на кој „му се сакало“.

И сметам дека овие дупли стандарди треба веќе еднаш засекогаш да ги оставиме во минатото.  Но, и покрај се, ние жените сме најубавата Божја творба. „Вратот“ на куќата, столбот кој пружа стабилност. Почеток на сечиј живот. Причина за многу непријателства и војни, причина за многу уметнички дела и инспирација на уметниците.  И покрај се, ние денеска можеме да носиме панталони – мажите не можат да носат здолништа и фустани. Можеме да поминиме без голема или воопшто без казна за лошо возење, или пак со гратис пијачка, бидејќи некој паднал на нашиот шарм – мажите не можат.  Можеме да бидиме болни и да не кукаме поради тоа – мажите не можат. Способни сме за многу нешта, без притоа да побараме маж покрај нас.

Ти, девојко, жено, која во моментов го читаш ова – си постигнала толку многу во овој свет, во кој се’ уште се бориме за еднаквост. Не очајувај. Во овој машки свет, биди горда што си жена!


 


Рубриката студентски блог е иницијатива на Здружението на студенти на Меѓународен Славјански Универзитет. Сите студенти при МСУ кои сакаат своето мислење да го изразат преку кратки есеи, можат својот пишан збор да го испратат на blog@msu.edu.mk.

*Сите испратени дела ќе бидат прегледувани од наш стручен кадар. Прифатените дела ќе бидат објавени на нашата официјална страна и секоја среда ќе биде објавуван по еден студентски блог во Битолски весник.