Проф. д-р Орце Симов е нов претседател на Комора за информатичко-комуникациска технологија и услуги при Сојузот на стопански комори на Македонија, кој беше избран на седница на Собрание на Комората.
Проф. д-р Орце Симов е редовен професор на Факултетот за информатика при Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“, а во два мандати беше и декан на Факултетот за информатика. Тој е долгогодишен член на Управниот Одбор на Сојузот и член на Советот на иноватори при Националната асоцијација на иноватори на Македонија – НАИМ.
Професорот истакна дека неговите активности како претседател на Комората ќе бидат насочени кон обезбедување на развој, унапредување и зголемување на ИКТ бизнисот во Македонија и заштита на интересите на деловните субјекти од овој сектор.
„Меѓу приоритетите во делување е создавање на услови ИКТ компаниите да развиваат сопствени производи и услуги со високо додадена вредност наместо да се ориентираат кон outsourcing услуги. Од особено значење е и развој на ИКТ технолошка зона за македонските ИКТ компании која ќе биде на одбрана локација во урбаното градско подрачје на Скопје. Зголемување на извозот на ИКТ производи и услуги преку градење на извозни капацитети, обезбедување на информации за саеми, штандови и други форми за презентација на производите и услугите. Неопходно е и брзо прилагодување на законските регулативи на новите технологии во светот што ќе овозможи пристап и легална работа со нив уште во нивните рани фази. Потребно е и дигиталната трансформација на институциите во Македонија и дигитализацијата на услугите да се базира на домашни ИКТ компании што ќе овозможи градење на капацитети и излез и понуда на производите и услугите на странски пазари“, изјави Симов.
Тој додаде и дека е потребно да има и поголема поддршка на иновациите и зголемување на бројот и разновидноста на финансиски инструменти за финансирање на start up и постоечки компании како основен услов за развој на економијата и спречување на емиграцијата на младите лица.