Ликовен конкурс – „Перото – инспирација за уметничката четка“

Филозофски филмски фестивал во Киноверзум на МСУ
11 јуни 2021
Студентски блог: Моето Јас низ својот личен раст – Марија Иванова
12 јуни 2021

Ликовен конкурс – „Перото – инспирација за уметничката четка“

Институтот за култура и уметност при Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“ Свети Николе – Битола, Република Северна Македонија распишува ликовен конкурс „Перото“ – Инспирација за уметничката четка.

Проектот е поддржан од Министерството за култура како проект од национален интерес за 2021 година. Преку овој конкурс ќе можете да насликате илустрација за Вашата омилена книга и да се изразите во стилот во којшто сакате.

Главна цел на проектот е да ги мотивираме и инспирираме луѓето од различни културни пејзажи, различни родови, различни возрасни групи да се поврзат токму преку читањето на книгата и да создадат уметнички дела без оглед на нивното досегашно искуство за уметничко изразување со четка, така што ќе може да ги замислуваат ликовите во метафорични, преносни симболи или суштества, па да прават мозаик или колаж од илустрации (со разни уметнички техники и материјали).

Кога писателското перо ќе направи метаморфоза во уметничка четка, се создаваат генијални мултимедијални дела. Генијалноста е во творењето дела за паметење, во инспиративни моменти кои не бараат услови, доволен им е поттик и мотивација. Spiritus movens на овој проект се вонвременските уметности создавани во просторот и времето, книгата и уметничкиот израз, читањето и сликањето, оживување на ликовите од книгата во уметнички слики.

Сите пристигнати дела ќе бидат изложени на виртуелната изложба која ќе се одржи на 31 октомври 2021. Изложбата ќе се одржи и физички доколку условите тоа го дозволуваат.

За да присуствувате на виртуелната изложба потребно е да се регистрирате на следниов линк. Максималниот број на учесници на изложбата е илјада.



Услови за учество


  • Конкурсот се спроведува преку Фејсбук и Инстаграм профилите на Институтот за култура и уметност при Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“.
  • Учесниците ги испраќаат делата во форма на фотографија.
  • Секој учесник може да учествува на конкурсот со едно дело.
  • Дела кои веќе учествувале на други конкурси не се дозволени.
  • Делата треба да бидат со добар квалитет и висока резолуција.
  • Сите пристигнати дела ќе учествуваат на виртуелната изложба која ќе се одржи на 31 октомври со почеток од 20:00 часот.
  • Сите материјали треба да бидат оригинали и претходно необјавени.
  • Сите доставени дела остануваат во сопственост на организаторот на настанот и правото за нивно објавување и изложување го поседува организаторот. Организаторот има право да ги продава делата на аукција и средствата од продажбата да ги намени за децата од социјално загрозените семејства.

Како да учествувате


  1. Учесниците треба да насликаат една слика која е инспирирана од нивната омилена книга.
  2. Учесниците ги испраќаат нивните дела како фотографии на konkurs@kultura.msu.edu.mk заедно со името на книгата која ги инспирирала, име и презиме на авторот, возраст, адреса на живеење, населено место и телефонски број.
  3. Потоа, ние ги објавуваме делата на Инстаграм и Фејсбук профилите на Институтот за култура и уметност при Меѓународен Славјански Универзитет.

Примери


Идејата е проектот ликовно да ги оживее литературните ликови и настани во посебни тематски рамки. На пример, ликовното дело може да биде инспирирано од:

  • силни женски ликови: Калеш Анѓа или Ана Каренина на Толстој, Татјана од романот на Пушкин или Доста Рожденката од Крпен живот
  • машки ликови: Гилгамеш, Ахил и Хектор од Илијада, Ромео и Хамлет од трагедиите на Шекспир, Арсо и Григор од романот „Пустина“ на Абаџиев, Доне од ,,Црно семе”… Или ликови на најголемите лажговци и измамници како Барон Минхаузен, Ревизор на Гогољ, Тартиф на Молиер…

Категории


Проектот подразбира учество на креативци од целиот свет во ДЕТСКА, МЛАДИНСКА и ВОЗРАСНА КОНКУРЕНЦИЈА.

  • Детска: од 5 до 14 годишна возраст
  • Младинска: од 15 до 33 годишна возраст
  • Возрасна: од 34 до 99 годишна возраст

Критериуми


Жирито ќе ги оценува делата според следниве критериуми:

  • соодветност на темата – 50%
  • техника на реализирање на делото – 20%
  • оригинална идеја и креативност – 30%

За оценување на делата ќе се формира стручно жири кое ќе прогласи тројца победници. Жирито го задржува правото да дисквалификува дела за кои смета дека се неоригинални или плагијати.

Сите пристигнати дела се разгледуваат од тричлена меѓународна жири комисија која ја разгледува обработената тема, оригиналноста на претставување и начинот на претставување на идејата.


Награди


Ќе бидат селектирани по тројца победници од секоја категорија кои ќе добијат:

  • 1 место – златна плакета + комплет за сликање со платно
  • 2 место – сребрена плакета + книги + комплет за сликање
  • 3 место – плакета + комплет за сликање

Времетраење


Конкурсот започнува на 11 јуни 2021 и трае до 30 септември 2021.


Изложба и аукција


Изложбата ќе се одржи на 31 октомври 2021 од 20:00 часот. Изложбата ќе биде виртуелна и физичка (доколку дозволат условите).

Објавувањето на резултатите ќе биде за време на изложбата.

На настанот ќе има и аукција за продажба на делата и средствата од продажбата ќе бидат наменети за децата од социјално загрозените семејства.