Професорот Јанко Бачев го презентираше својот труд “Разузнавањето и меѓународната безбедност“ на меѓународната научна конференција во Скопје (24-25 октомври 2014) насловена како „Криминалистичкото образование, состојби и перспективи–20 години по Водинелиќ“.
Прашањето што во овој труд го отвори професорот Бачев е едно од поинтересните на меѓународен план, не само од аспект на содржината и контроверзите околу него, туку и од аспект на неговата директна поврзаност со поведението на државите од што во голема мера ќе зависи опстанокот на човештвото, бидејќи разузнавањето е од витално значење за одлуките при планирањето. Трудот укажува дека поведението на државите кое се операционализира преку преземањето на соодветни активности од страна на националните одлучувачи како лица што ја креираат и применуваат политиката е засновано на потребата од добивање на надворешни безбедносно-разузнавачки информации, бидејќи, политичките одлуки и дејствија нема да можат ефективно да одговорат на реалните услови и да ги одразат интересите на меѓународната безбедност. Исто така се оценуваат и прошируваат постојните знаења за меѓусебата поврзаност и условеност на разузнавањето со глобалната безбедност кои се обединуваат со сопственото искуство и размислување на авторот во обидот да се придонесе за подобро разбирање на меѓународен план на моќта и улогата на разузнувањето и безбедносно-разузнавачките информации што се собираат за државните водства, бидејќи овие информации им го покажуваат распонот на достапниот избор на дејствување и им овозможуваат да одлучат. На конференцијата учествуваа околу шеесет автори и коавтори од нашата држава и од странство кои ги изложија своите трудови и развија богата дискусија.