Од 2019 година на МСУ започнаа првите студентски размени преку Еразмус+ програмата. Преку Еразмус+ студенти на МСУ поминаа по еден семестар студирајќи на разни универзитети низ Европа. Овој семестар беше специфичен бидејќи корона вирусот ги затвори сите универзитети, но сепак преку онлајн настава на нашите студенти им беше овозможено да ги завршат студентските размени.
За да дознаете што значи студентска размена преку Еразмус+ и како изгледаат студиите во време на корона, ви го споделуваме искуството на нашите студентки Камелија Илиева и Наталија Ристеска, студентки на Факултетот за психологија.
„Туристички да се посети странска земја е многу интересно, но шансата да се помине неколку месеци на друго место пружа многу повеќе. Ние имавме такво искуство благодарение на програмата Еразмус+ и најпрво сакаме да се заблагодариме на координаторката Јасмина Пресилска и цела администрација од универзитетот што ни овозможија да бидеме дел од сето тоа, што бевме информирани за се‘ на време и за целата поддршка што ја добивме.“
„Ние престојувавме пет месеци во Ниш, Србија и шестиот семестар од нашите студии го поминавме на Универзитетот во Ниш, на Факултетот за психологија. Многу сме задоволни од целата организација на факултетот, нуди многу нови информации и различни погледи кои го збогатија нашето досегашно знаење.“
„Поради новонастанатата ситуација со корона вирусот, имаше промени во начинот на предавање и многу брзо се прилагодивме на оналјн предавањата и другите активности кои беа спроведени. Имавме голема поддршка и разбирање и од професорите на факултетот, а благодарни сме и на канцеларијата за меѓународна соработка на универзитетот кои ни помогнаа во целиот престој таму.“
„Еразмус+ програмата е неверојатно и незаборавно искуство преку кое можеш да посетиш нови прекрасни места, да запознаеш многу луѓе и да стекнеш многу пријатели.
Иако нашето патување не беше далечно, беше можност да прогледаме низ светот од друга перспектива, да ги прошириме нашите видици и што е најважно, да имаме многу спомени кои ќе ги паметиме цел живот.
Топло им препорачуваме на сите студенти да ја искусат оваа образовна но и животна авантура која ќе ја паметат засекогаш.“