
Меѓународен Славјански Универзитет ја продлабочува соработката со Народна Република Кина во областа на образованието и дрон-технологијата
11 август 2026
Студентски блог: Од личен академизам до хумана мисија-Даниела Димитриевска
19 август 2026Што значи гледање од нулта точка во психологијата, и како да го примениме тоа во секојдневниот живот?
од Студентски блог – студентски размислувања

Пишува: Мери Трајкоска , судент на Психологија
Психолозите и психотерапевтите се обидуваат да пристапат кон клиентот без однапред создадени претпоставки, очекувања и предрасуди. Наместо веднаш да донесуваат заклучок што му се случува на човекот пред нив, тие се обидуваат да го видат неговото искуство онакво какво што е, без проценување. Но, што всушност значи да гледаме од “нулта точка”? И дали нешто од ова можеме да применуваме во нашиот секојдневен живот?
Замислете дека гледате еден дедо кој седи наведнат на клупата. Што би помислиле? Можеби е тажен, можеби е болен, можеби е осамен и нема со кого да се дружи. Но, дали навистина го знаеме тоа? Единствено нешто што е точно во овие претпоставки е дека гледаме човек седнат на клупа. Се’ останато е приказна која нашиот мозок ја создал околу она што го гледаме.
Човечкиот ум постојано се обидува да најде значење, да поврзе информации и да создаде целина од она што го доживуваме. Тоа е нормален дел од начинот на кој функционираме. Но, понекогаш можеме толку брзо да создадеме приказна што забораваме да направиме разлика измеѓу она што навистина го знаеме и она што само го претпоставуваме.
Во психологијата, овој начин на пристапување кон искуството може да се поврзе со феноменолошкиот пристап. Феноменологијата, поврзана со филозофот Едмунд Хусерл, се насочува кон искуството онакво какво што се појавува, наместо веднаш да му се припише некакво дополнително значење. Во психотерапевтски контекст тоа значи да се обидеме да ги оставиме настрана нашите однапред создадени објаснувања за клиентот и да бидеме отворени кон неговото вистинско искуство.
И можеби токму тука оваа идеја станува интересна за нашиот секојдневен живот. Колку често навистина го гледаме она што се случува, а колку често гледаме низ сопствените искуства, очекувања и претпоставки? Кога постојано ги мешаме фактите со нашите толкувања, лесно можеме да создадеме очекувања кои подоцна не се исполнуваат, а со тоа и фрустрација, разочарување или конфликт. Секако, ова не значи дека треба да престанеме да размислуваме, планираме или да имаме очекувања. Тие процеси се дел од тоа кои сме и неизбежно влијаат врз начинот на кој го доживуваме светот. “Нултата точка” не треба да ја сфатиме како место од кое гледаме постојано без претпоставки, туку како момент во кој стануваме свесни дека претпоставуваме.
Следниот пат кога ќе се најдеме во ситуација во која сме убедени дека знаеме што мисли или чувствува некој друг, дека некој ни е лут, не’ игнорира, или има нешто против нас, можеби вреди да се запрашаме: “Што навистина знам, а што претпоставувам?” или “Дали оваа ситуација ме потсеќа на нешто што е мое?”. И затоа, не се плашете дека психотерапевтот ќе ве осудува. Тој веќе знае дека не треба да брза со претпоставки, а вие секогаш можете да го изненадите со вашето ново знаење за феноменологијата.
Рубриката студентски блог е иницијатива на Здружението на студенти на Меѓународен Славјански Универзитет. Сите студенти при МСУ кои сакаат своето мислење да го изразат преку кратки есеи, можат својот пишан збор да го испратат на blog@msu.edu.mk.
*Сите испратени дела ќе бидат прегледувани од наш стручен кадар. Прифатените дела ќе бидат објавени на нашата официјална страна.




