
Студентски блог: Гледање од нулта точка – Мери Трајкоска
19 август 2026
Студентски блог: Како да се справиме кога стресот управува со нас- Јана Стојчевска
19 август 2026Од личен академизам до хумана мисија
од Студентски блог – студентски размислувања

Пишува: Даниела Димитриевска, педагог и магистрант на Психологија на образование
Мојот образовен пат започна со педагогијата, наука што ми даде јасна рамка за воспитувањето, методиката и начинот на кој се гради еден образовен процес. Но, мојот личен избор и внатрешен компас недвосмислено ме насочија кон Психологија на образование.
Денес, додека ја пишувам мојата магистерска теза, сфаќам дека овој избор не беше само академски чекор. Тоа беше свесна одлука да ги спојам педагогијата и психологијата во една повисока, хумана цел. Вистински да ги разберам децата и учениците за да можам да им бидам силна и искрена поддршка.
Ако педагогијата нè учи како да воспитуваме и да предаваме, психологијата ни открива кој стои од другата страна, кој е тој млад човек што го упива светот околу себе.
Спојот на овие две науки овозможува да не го гледаме ученикот само низ оценките, да одговориме на потребите, а не само на симптомите и да создадеме сигурно опкружување на најмладите.
Кога зборуваме за децата, не зборуваме само за иднината, зборуваме и за нашата сегашност. Во овој свет, тие имаат потреба од возрасни кои нема само да им даваат задачи, туку возрасни кои ќе знаат соодветно да ги водат.
Оваа професија е хумана. Да имаме хумана мисија кон децата и учениците значи да ги гледаме како единствени единки, да го слушнеме она што не е изговорено, да им дадеме крилја, а не само калапи. Целта на секој стручен соработник не е да ги прилагоди сите деца во една иста калап-форма, туку да им помогне да ја развијат сопствената автономија, самодоверба и емоционална отпорност. Тоа е суштината на оваа хумана мисија. Да се биде присутен, стручен и емпатичен сопатник во нивниот пат кон созревањето.
Рубриката студентски блог е иницијатива на Здружението на студенти на Меѓународен Славјански Универзитет. Сите студенти при МСУ кои сакаат своето мислење да го изразат преку кратки есеи, можат својот пишан збор да го испратат на blog@msu.edu.mk.
*Сите испратени дела ќе бидат прегледувани од наш стручен кадар. Прифатените дела ќе бидат објавени на нашата официјална страна.




