
Меѓународен Славјански Универзитет дел од Erasmus+ програмата на Универзитетот во Аксарај
23 јуни 2026
Успешно реализирана Еразмус+ мобилност на административен кадар од Универзитетот „Чанкири Каратекин“ во Република Турција
27 јуни 2026Вториот ден од учеството на Меѓународен Славјански Универзитет на меѓународниот фестивал Cannes Lions 2026 беше посветен на најновите достигнувања во областа на технологијата, дигиталната трансформација, маркетингот и креативните индустрии.
Активностите започнаа во Microsoft Gardens и таму се одвиваа бројни предавања, презентации и дискусии посветени на иднината на технологијата, иновациите и нивното влијание врз современото општество.
Значителен дел од програмата се одржуваше на Salesforce Beach, кадешто се одржаа панели и разговори со светски експерти за дигитална трансформација, вештачка интелигенција и можностите за бизнис секторот.
Особено внимание привлече инспиративниот разговор со Пријанка Чопра Џонас, која со присутните ја сподели приказната за нејзината успешна меѓународна кариера и како ја создаде својата бизнис империја. Таа говореше за значењето на автентичноста, преземањето иницијатива, создавањето сопствени можности и градењето брендови и идеи коишто ги надминуваат географските граници.
Во рамките на фестивалската програма беше проследена и дискусијата со Џесика Сибли, извршен директор на списанието TIME, заедно со истакнати маркетинг експерти, коишто разменија искуства и ставови за практичната примена на вештачката интелигенција во организациите, нејзините придобивки, но, и предизвиците што ги носи во процесот на трансформација на современото работење.
Денот заврши со посета на Canva Creative Cabana, едно од најпосетените места на фестивалот, каде преку интерактивни презентации и практични демонстрации беше претставена улогата на креативноста, визуелната комуникација и дигиталниот дизајн во современиот маркетинг.
Учеството на Меѓународен Славјански Универзитет на Cannes Lions 2026 претставува значајна можност за непосредно следење на најновите светски трендови во областа на маркетингот, технологијата, иновациите и креативните индустрии. Стекнатите искуства, контактите и знаењата во голем дел ќе придонесат за понатамошно збогатување на академските активности и развојот на нови иницијативи, во интерес на студентите и академската заедница.











