Во јуни, ректорот на Меѓународен Славјански Универзитет, проф. д-р Васко Стамевски, реализираше двонеделна студиска посета на Универзитетот Матеј Бел во Банска Бистрица, Словачка, во рамки на меѓународната програма за академска мобилност CEEPUS (Central European Exchange Program for University Studies).
Целта на посетата беше продлабочување на академската соработка, размена на искуства во сферата на високото образование и научноистражувачката дејност, како и унапредување на процесот на интернационализација на Меѓународен Славјански Универзитет.
Во текот на престојот, проф. д-р Стамевски оствари работни средби и на Универзитетот „Св. Константин Филозоф“ во Нитра, Словачка, како и на Високата школа за комерцијални и деловни студии во Цеље, Словенија. Посетата на Словенија беше крунисана со официјално потпишување договор за меѓународна соработка, кој предвидува заедничко учество во проекти, мобилност на студенти и академски кадар, како и вклучување во научни конференции и истражувања од заемен интерес.
Овие активности се значаен дел од стратешката определба на Меѓународен Славјански Универзитет за ширење на мрежата на меѓународни партнери и обезбедување директен пристап до современи академски практики и образовни перспективи за нашите студенти и наставен кадар.