На 3 јули 2025 година, Меѓународен Славјански Универзитет и градскиот Народен музеј во Свети Николе беа домаќини на Ајсима Џејлан, студентка од Универзитетот Афјон Коџатепе од Република Турција, која ја реализира својата студентска пракса во рамки на програмата Еразмус+.
Ајсима Џејлан студира на Факултетот за технички науки и информатика и ќе престојува во Северна Македонија до месец септември. За време на престојот, таа ќе се фокусира на изучување на безбедност при работа, со поддршка од Институтот за инженерска економија при Меѓународен Славјански Универзитет.
Во текот на посетата, таа оствари средба со проф. д-р Јордан Ѓорчев, претседател на Управниот одбор на Меѓународен Славјански Универзитет, како и со тимот од Канцеларијата за меѓународни односи. Дополнително, имаше можност да се запознае и со богатата културна понуда на градот преку организирана посета на Народниот музеј.
Оваа размена претставува уште еден успешен пример за соработката меѓу Меѓународен Славјански Универзитет и странските високообразовни институции во рамките на програмата Еразмус+.