На 10. декември, во чест на Меѓународниот ден на човековите права, Меѓународен Славјански Универзитет се приклучи кон глобалната иницијатива за подигнување на свеста за важноста на основните човекови слободи и права.
Во свет кој бележи огромен напредок во примената на дигитализацијата и вештачката интелигенција, се соочуваме со значителни предизвици поврзани со економските, социјалните и работничките права. Затоа, универзитетот испраќа порака за посветена борба против корупцијата и сите видови нарушувања на човековите права.
На свечената трибина посебно обраќање имаа претседателот на Управен Одбор при Меѓународен Славјански Универзитет, проф д-р Јордан Ѓорчев, и претседателот на Универзитетскиот Сенат, проф. д-р Живко Митревски.
Одбележувањето на овој ден се базира на принципите на Универзалната декларација за човекови права, која повикува на визија за свет во кој почитувањето на човековите права е универзална реалност. Како општество, треба да се стремиме кон подобра примена на овие права и ефикасна работа на сите институции и организации кои носат одговорност за нивната заштита.
Посакуваме свет во кој идејата за човековите права ќе се применува на најефикасен начин, каде што сите оние кои превземаат одговорности на ова поле на најдобар начин ќе ги извршуваат своите мисии и каде што прекршувањето на човековите права ќе заврши.
Меѓународен Славјански Универзитет ја реафирмира својата заложба за поддршка на едукативните, општествените и професионалните иницијативи кои промовираат човекови права, создавајќи заедница во која секој поединец се чувствува заштитен и почитуван.