Меѓународен Славјански Универзитет и Универзитетот Утаранчал од Индија започнуваат нов КА171 проект во рамките на програмата Еразмус+. Оваа соработка претставува значаен чекор напред во меѓународната размена на знаења и отвора нови можности за академски развој помеѓу Република Северна Македонија и Индија.
За утврдување на деталите за проектот беше остварена средба во просториите на Универзитетот Утаранчал помеѓу основачот на универзитетот д-р Џитендер Џоши, заменик претседателот, Анкита Џоши и Михаела Ѓорчева и Иван Спасев од Меѓународен Славјански Универзитет.
Ова е прва соработка на Меѓународен Славјански Универзитет и универзитет од Индија во рамките на Еразмус+ програмата. Проектот е насочен кон мобилност на студенти помеѓу двете земји, обезбедува поголема поврзаност помеѓу двете институции и го зајакнува меѓукултурното разбирање.
Ова партнерство е важен чекор кон создавање на динамична академска средина каде што студентите и професорите можат да ги развиваат своите таленти и да ги истражуваат можностите за професионален и личен раст. Меѓународен Славјански Универзитет продолжува да вложува во иднината на своите студенти преку вакви значајни меѓународни соработки.