Националниот координатор за реформи во високото образование, проф. д-р Солза Грчева, оствари средба со претставници на студентските организации од државните и приватните универзитети во Република Северна Македонија. Од Меѓународен Славјански Универзитет присуствуваа Софија Радончиќ, претседател на Здружение на студенти при МСУ и Ивана Станчева, претседател на Студентското собрание при МСУ.
Оваа иницијална средба имаше за цел да се отвори простор за меѓусебно запознавање и размена на идеи, како и да се дискутираат актуелните теми кои ги засегаат студентите. Во текот на дискусијата, беше потенцирано дека соработката со студентите е неопходна за постигнување подобро и поодржливо образование.
На средбата се разговараше за студентскиот стандард, квалитетот на наставата и вклученоста на студентите во научно-истражувачката работа. Проф. д-р Солза Грчева стави акцент на важни прашања како унифицирање на критериумите за напредување на професорите, модернизација на студиските програми и дигитализација на услугите на универзитетите.