„Маркетинг и лидерство“ беше шестото предавање од Летната лидерска школа која е во организација на Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ и Здружението за културен и едукативен развој МЛАДИНСКИ БОРД – Штип.
„Маркетинг и лидерство“ се одржа на 17 јуни 2021, со почеток од 20:00 часот и имаше над 300 учесници. Предавач беше м-р Сашо Нефовски, извршен директор на маркетинг агенцијата ОК Идеа, а гостинка на настанот беше Наде Темелковска, бренд маркетинг координатор во Нептун. На настанот се обрати и проф. д-р Ленче Петреска, ректорка на Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ и професорка на група предмети од областа на маркетингот.
На настанот зборувавме за моќта на маркетингот и неговото значење денес. Дискутиравме за видовите на маркетинг, поврзаноста на лидерството и маркетингот, за лидерите некогаш, денес и утре.
М-р Сашо Нефовски е магистер на економски науки. По завршување на студиите беше добитник на годишна награда за млад истражувач од областа на макроекономија од страна на Народна Банка на Македонија, а потоа започна да работи како асистент по група предмети од областа на маркетингот. Во својата академска кариера и потоа има објавено бројни трудови и заедно со проф. д-р Петреска е автор на учебникот Планирање на маркетинг. Последните 5 години е фокусиран на истражувања од областа на општествен маркетинг за одржлив развој, поконкретно, интерес на истражувањето му е влијанието на општествениот маркетинг врз потрошувачите со цел намалување на отпадот од храна и унапредување на профитабилноста на индустријата.
Веќе 7 години, Сашо е извршен директор на маркетинг агенцијата ОК Идеа. Во својот професионален ангажман има работено за бројни брендови како што се хотелиерската групација Акор и ИБИС Хотелите во Скопје, регионалната водечка клиничка болница Аџибадем Систина, КИА Автомобилскиот бренд, компании од угостителството, прехранбена индустрија и банкарскиот сектор.
Сите учесници ќе добијат Сертификат за учество. Летната лидерска школа е бесплатна и учество може да земат сите заинтересирани граѓани.
Повеќе информации за следните вебинари можете да дознаете на веб страницата на Летната лидерска школа.