Приближно 300 бруцоши присуствуваа на првиот (онлајн) академски час кој се одржа преку платформата Zoom на 1-ви октомври со почеток од 12:00 часот. Настанот го водеше актерот и наш студент Марјан Ѓорѓиевски.
На настанот студентите преку виртуелна прошетка можеа да се запознаат со универзитетот и со службите кои работат за да им го олеснат процесот на студирање. Преку прошетката студентите можеа да се запознаат со Службата за студентски прашања, Центарот за кариера, библиотеката, книжарницата и издавачката куќа, службата за Е-учење итн.
https://www.facebook.com/slavjanskiuniverzitet/videos/3638587629506681/
На почетокот на секоја академска година традиционално се одржува првиот академски час заедно со свечено врачување на индекси во Свети Николе и Битола, но годинава настанот беше организиран онлајн, преку Zoom платформата.
Свои обраќања имаа ректорката на Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“, проф. д-р Ленче Петреска, проректорот за настава проф. д-р Иван Ефремовски и деканите на факултетите – проф. д-р Шеќеринка Ивановска, проф. д-р Анита Ристеска, проф. д-р Орце Симов, проф. д-р Цветанка Митревска и проф. д-р Александар Илиевски.
Проректорот за настава ги презентираше условите за студирање согласно Правилникот за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на прв циклус студии.
М-р Мартин Савевски, ментор и асистент, ги презентираше можностите кои ги нуди новиот студентски портал, користењето на студетски електронски адреси, Е-учење и Е-индекс, додека м-р Игор Михајловски, раководител на кампусот Битола, разговараше со бруцошите за можностите да се контактира со службите по електронски пат.
На крајот на настанот свои честитки за новозапишаните студенти испратија и Милена Паневска Златевска, студентка на МСУ која работи како сметководителка во Осло, Норвешка, и нашите ракометарки од ЖРК Овче Поле – Славјански Универзитет.