Во просториите на Меѓународниот Славјански Универзитет во Битола, на 18.12.2013, среда, се одржа јавна трибина на тема „Влијанието на загадувањето во Битола“. Трибината беше организирана од форумот на млади и СЕГА младинската коалиција.
Оваа тема во моментов е во центарот на вниманието на македонската јавност, бидејќи во последно време нивото на загаденост во повеќе македонски градови, вклучувајќи го и нашиот главен град, е многу над границите на дозволеното.
Лекарите тврдат дека загадувањето може да доведе до сериозни последици по здравјето на човекот и дека кон него треба да се пристапи како кон сериозен проблем. „Загадениот воздух влегува преку дишните патишта и ги оштетува белите дробови. Белодробниот карцином е на многу високо ниво” – изјави д-р Рената Раденков, специјалист по радиотерапија – Онкологија.
„Во нашата држава има многу заболени од рак и најмногу страда машкиот пол. Ако се земе на седмично ниво, секоја недела во одделението за Онкологија има минимум двајца заболени од белодробен карцином” – изјави д-р Рената Раденков.