МСУ го доби престижното признание Македонски квалитет од ССКМ

Потпишан договор за грант за мобилност во рамките на Ерасмус+ програмата за 2020/2021.
24 декември 2020
Поезијата на проф. д-р Јордан Ѓорчев објавена во збирка на ротаријанските поети 2020
30 декември 2020

МСУ го доби престижното признание Македонски квалитет од ССКМ

Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ и уште девет претпријатија денес го добија престижното признание за македонски квалитет, што традиционално, секоја година го доделува Сојузот на стопански комори на Македонија, ССКМ. Под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, во претседателската резиденција „Вила Водно“ денеска се доделија признанијата на претпријатијата кои придонесуваат за развојот на македонската економија и го афирмираат македонскиот квалитет во земјата и надвор. Признанието го прими претседателот на Управен Одбор на МСУ, проф. д-р Јордан Ѓорчев.

Оваа манифестација е еден светол пример за оддавање на признание на македонските бренд амбасадори кои успеале да продолжат да делуваат и се залагаат за подобра национална економија и покрај многубројните предизвици со кои сите се соочуваат во 2020 година.



Пендаровски и претседателката на ССКМ, Данела Арсовска, им доделија признанијата уште на девет претпријатија: „Еви Интернационал Терма лифт“, „Ваурон“, „Ми-комерц“, „Процес Ин“, „Раденковиќ консалтинг“, „Зафир Комерц“, „Девомак“ и Горјан Јовановски автор на апликација „Мој воздух“.

Арсовска посочи дека е потребно континуирано да се поддржуваат сите кои се борат за подобра економска иднина и допринесуваат и во време на криза како оваа предизвикана од пандемијата. Претседателот Пендаровски порача дека оваа година признанието за македонски квалитет има посебна тежина поради напорите на компаниите за зачувување на вработените и задржување на квалитетот на производите и услугите.

„Се радувам што и оваа година избраните компании, кои се од различни области, се стремат кон општествена одговорност, технолошко унапредување и воведување на иновации во својата област, а при тоа не забораваат да ја чуваат и промовираат македонската традиција“, истакна претседателот Пендаровски.